„Екоцентар 97“ ќе продолжи да чисти отпад во Охис уште 4 месеци. Ваква одлука донесе судот, бидејќи „за“ гласале мнозинството од доверителите. За адвокатот на поранешните вработени во „Охис“ ваквата одлука е незаконска бидејќи немало основ за негово продолжување. Тој инсистирал договорот да биде раскинат поради неисполнети обврски и да се активира банкарската гаранција, но Собранието на доверители донело поинаква одлука.

Поранешните вработени во „Охис“ очекувано се револтирани, бидејќи на компанијата и се продолжил договорот за работа и покрај хаваријата што ја предизвикала и отпадот што не го исчистила. И по повеќе од 10 дена, конечен извештај за инцидентот во Охис нема. Поранешните вработени отворено прашаа дали Владата ја штити фирмата и дали навистина контаминираната вода која истече содржела метил акрилат или некоја друга хемикалија. Стечајците во изминатиов период бараа да се раскине соработката со компанијата и таа да врати речиси два милиони евра, пари што ги добила неосновано уште пред да почне со работа, кои пак, биле доволни за исплата на една годишна плата за 1.000 поранешни вработени на „Охис“.

Министерот за животна средина Насер Нуредини претходно најави дека ќе бара одговорност од директорот на „Екоцентар 97“ , за настанатата хаварија во фабриката. Неговиот заменик, Јани Макрадули денеска уверуваше дека испитувањата минатата сабота покажале дека нема загадување во почвата и воздухот, но за тоа дали ќе има евентуални казни, одговорноста ја префрли врз МВР и Обвинителството преку кои одат сите податоци.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.