„По патеките на Дичо Зографот“ е првата Малореканска летна школа чија цел се едукативните и научно-истражувачките активности во спознавањето на делото на Дичо Зограф, нашиот најзначаен зограф од XIX век.

Школата ќе се одржи од 31 август до 5 септември, почнувајќи од неговото родно селото Тресонче.

Истражувачкиот центар за културно наследство „Цветан Грозданов“ при МАНУ, Црковниот одбор и здружението „Брзовец“ од Тресонче, Бигорскиот манастир и Општината Маврово-Ростуше, како организатори на летната школа, информираат дека  активностите ќе се одвиваат во Бигорски, во црквата „Св. Ап. Петар и Павле“ во Тресонче, во Гари, Лазарополе,  Дебар и во манастирот „Рајчица“.

За оваа година предвидени се работни секции од доменот на историјата на уметноста, мијачката архитектура и ареалната лингвистика.

Првата Малореканска летна школа ќе почне в понеделник на 31 август сo свечено отворање во Меморијалниот парк „Дичо Зограф“ во кругот на црквата „Св.Ап. Петар и Павле“ во Тресонче, во присуство на црковна делегација предводена од епископот Антаниски Партениј, градоначалникот на Општина Маврово Ростуше Медат Куртовски, учесниците на школата, гости и тресончани.

Минатата година на 31 август по повод 200 години од раѓањето на Дичо Зографот бее отворени Меморијален парк, Спомен чешма и Спомен соба. Се одржа трка во планинско трчање „Bistra Trail Ran 2019“, трка во планински велосипедизам од Тресонче до Галичник, Лазарополе и повторно до Тресонче, традиционална тура „Bistra Adventure 2019“.

Дичо Зограф е роден во 1819 година во Тресонче, во чија историја посебно место заземало резбарството и зографството. Дичо, како и најголем дел од мијаците, се стекнал со високо образование и добро ги владеел книжевниот грчки и старословенскиот црковен јазик, а исто така и духовните прашања. Во минатото речиси немало куќа во Тресонче која не се занимавала барем со еден уметнички занает.

Имајќи ја предвид актуелната состојба со епидемијата на Ковид-19 вирусот, организаторите информираат дека ќе се придржуваат до сите пропишани мерки за заштита, а истото се очекува и од учесниците на школата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.