Фудбалската федерација на Македонија нарачала химна со која ќе се бодрат репрезентативците на претстојното Европско првенство, меѓутоа претседателот на ФФМ Мухамед Сејдини побарал да биде променет еден стих во кој се спомнува селекторот на репрезентацијата, Игор Ангеловски, со неговиот прекар Мрме.

Ваквото барање предизвикало револт кај дел од фудбалерите, меѓу кои и кај Горан Пандев и Илија Несторовски, кои за „360 степени“ велат дека се изненадени од ваквата постапка на Фудбалската федерација и ја сметаат за срамна и некоректна.

Присутен на снимањето на делови од спотот за химната бил и репрезентативецот Илија Несторовски. Бил сведок на непријатна ситуација. Сепак, се надева дека, на крајот, песната ќе остане без измени.

Ние играчите бевме повикани да снимаме спот за таа песна. Кога пристигнавме на стадион, не пречекаа Пеце Суперхикс и неговата група – се беше спремно за снимање. Во еден момент почнаа да му објаснуваат на селекторот дека од Федерацијата е побарано да биде тргнат делот во кој се спомнува Мрме. Навистина останавме вчудовидени, не очекувавме таква ситуација, бидејќи знаеме дека тие резултати се постигнати на чело со сегашниот селектор. Снимавме еден дел со него и без него, не знаеме уште како ќе биде. Се надевам дека ќе заврши оваа игра и човекот ќе добие внимание поради сите резултати што ги направи за Македонија, вели Несторовски за „360 степени“.

Од „360 Степени“ велат дека за да го превенираат објавувањето на текстот на официјалната фејсбук-страна на на ФФМ се објавила химната во која сепак не е отстранет стихот со Мрме.

Авторот и ко-авторот на спортската химна, Саше Љолес и Петар Младеновски и групата „ВИС Рисови“ изведувачите на песната „Одиме на Европско“ се огласија со реакција, во која како што велат им биле прифатени сите сугестии за текстот и за концептот на видео-спотот.

Наша сугестија беше да оди верзијата во кои се споменуваат дел од најважните фудбалери и селекторот. Сметавме дека таквата варијанта на темата е најдобрата и дека таа треба да оди во етер. Разни гласини стигнуваа до нас за тоа како и што било или би било сугерирано и која варијанта би можела да биде дефинитивна. Со претседателот на ФФМ , г-н Сејдини ниту сме се сретнале ниту разговарале на оваа тема некогаш. Односите меѓу лица вработени во ФФМ ниту смееме, ниту сакаме, ниту сме должни да ги коментираме. При снимањето на сцените со дел од фудбалерите, апсолутно не постојат сцени во кои е намерно изоставен селекторот и истиот е вклучен во групните, онаму каде што и е предвидено да биде вклучен според сценариото на продукцијата и барањата на режисерот, се вели во дел од реакцијата.

Погледнете ги изјавите на Пандев, Несторовски и Ангеловски на „360 степени

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.