Скопје, 2 декември 2021 (МИА) – Она што е многу важно и што мора сите заедно да го правиме, секој ден, без исклучок, за време на целиот работен век е да ја држиме политиката што подалеку од армиските редови. Вие морате да и служите на државата, независно од политичките гарнитури на власт и независно од вашите лични и политички убедувања. Затоа што тоа е фундаментот на секоја професионална армија, политиката мора да биде надвор од војската, порача врховниот командант и претседател Стево Пендаровски на свечената церемонија за промоција на нови офицери – потпоручници од 21-та класа и заклетва на 25-тата класа на питомци на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“.

Пендаровски истакна дека ова е голем ден за сите оние кои се промовирани во потпоручници. Потенцира дека офицерскиот чин значи чест, достоинство и одговорност кон Армијата и кон татковината.

– Од вас очекуваме да внесете нова енергија, нови знаења и вештини во структурите на Армијата и сето она што го научивте во изминатите четири години да го пренесете во командите и единиците со што ќе придонесете за зацврстување на борбената готовност и моралот на Армијата, рече Пендаровски.

На свеченоста присуствуваа министерката за одбрана Радмила Шекеринска, началникот на Генералштабот, генерал потполковник Васко Ѓурчиновски и останати високи гости од Министерството и Армијата. мд/дма/

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.