Годинашното издание на меѓународниот Струмички карневал заврши синоќа со одржување на концертот под маски, а останатите содржини што требаше да се одржуваат до 4 март се откажани, потврди за МИА претседателот на Организациониот одбор, Александар Цицимов. Во Прилеп за денеска напладне е закажана итна седница на Советот со единствена точка на дневниот ред – донесување одлука за откажување на 19-иот меѓународен карневал „Прочка 2020″. Денеска и Владата треба да го разгледува предлогот на Министерството за здравство за еднонеделна забрана на сите јавни собири.

Иако се уште нема официјална одлука на Владата за откажување на настани и собири заради појавата на корона вирусот во државата, организаторите донесоа одлука да не се одржи маскенбалот, интернационалната карневалска вечер и детскиот карневал, како и останатите содржини што беа планирани да се одржат во рамки на годинашните карневалски празнувања.

Јас го откажав учеството на сите групи кои требаше да дојдат на карневалот. Цела ноќ не сум спиел и некои групи буквално ги враќав од границите. Планирам во текот на денот да одржиме прес-конференција со градоначалникот Коста Јаневски на која ќе соопштиме повеќе детали“, рече Цицимов. Дополнитено ќе се утврдат термини во кои ќе се одржат главните манифестации на Струмичкиот карневал.

На интернационалната карневалска вечер, што беше закажана за утре, требаше да учествуваат 46 карневалски групи од земјава и странство со над 1.200 учесници.

Од Прилеп велат дека одлуката на Советот треба да биде превентивна мерка поради ситуацијата со коронавирусот, зашто на меѓународниот карневал требаше да има гости од повеќе европски и балкански земји.

Со одлуката ќе значи дека се откажуваат сите тридневни карневалски организациски активности: денешната изложба на маски, утрешниот детски и големото карневалско дефиле што требаше да се одржи в недела.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.