Граѓанската иницијатива за заштита на животната средина „Охрид SOS“ преку соопштение објавено на социјалните мрежи побара од Владата да го соопшти планот и предвидената динамика според кои се спроведуваат активностите за реализација на Уредбата за враќање на плажите на Охридското Езеро во состојба каква што беа пред издавањето под концесии.

Истовремено од надлежните институции се бара да појаснат дали Уредбата со законска сила важи и за Струга, иронично поставувајќи го прашањето дали за таму важат посебни закони.

Навистина е крајно време државата да застане на патот на ДУИ, ако имаме функционални институции, секако. Бараме санкции, бараме затворски казни за тие што ги заслужиле, бараме да се оневозможи една криминална група да оперира непречено на штета на јавниот интерес, стои во статусот објавен на фејсбук страницата на „Охрид SOS“.

Според активистите на иницијативата, градоначалникот на Струга Рамиз Мерко се однесува како „да владее со автономна зона, а не како да е дел од една земја во која владеат истите закони за сите“.

Цитирајќи ги изјавите на Мерко, дека во Струга немало дивоградби, не требало ништо да се руши, него „баш го бригало што зборувале луѓето“, концесионерите ги спремале плажите за претстојната сезона, од „Охрид SOS“ укажуваат на недозволиво однесување на струшкиот градоначалник, но и на неговиот партиски колега од Охрид Нефи Усеини, кој има бетонска база до самиот брег на Охридското Езеро, дивоградба среде чаршија, физички се пресметува со советници на седница на Совет без какви било реперкусии.

Тие посочуваат дека сегашните активности на терен оставаат впечаток оти струшкото крајбрежје ќе остане нечепнато.

Градоначалникот на Струга непосредно после донесувањето на Уредбата оствари средба со сега веќе поранешните концесионери со плажи на струшкиот дел од крајбрежјето, на која било оценето дека се работи за погрешна одлука што ќе има сериозен негативен импакт врз туризмот и локалната економија. Струшката локална самоуправа тогаш излезе со став дека одлуката ќе ја обжали пред Уставниот суд, со предлог прашањето околу стопанисувањето со плажите и крајбрежјето да се уреди со нов закон.

Во меѓувреме, од плажите што беа издавани под концесии на охридскиот дел од крајбрежјето веќе се отстранува и демонтира урбана опрема, некаде со механизација на Општина Охрид, а некои од поранешните концесионери сами почнаа да ги демонтираат објектите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.