Екстремно десничарските и неонацистичките групи сè повеќе ги користат големите дигитални платформи на социјалните медиуми за да регрутираат млади луѓе, открива новиот извештај објавен минатата недела во Лондон.

Британската крајна десница сега е дигитално предводена и ја рефлектира културата на Интернет – традиционалните структури (и нивниот начин на комуникација) отстапија пред влијанието на платформите на социјалните медиуми, инфлуенсерите и „граѓанските новинари“, создавајќи радикализација од човек на човек, со глобална екстремистичка заедница подготвена да ги искористи микродонациите [како начин на финансирање] за штедење време и сопствен напор – се вели во Годишниот извештај за состојбата со омразата во светот, што го издава меѓународната антирасистичката група „Надеж не омраза“ – ХНХ (Hope Not Hate – HNH).

Новинската агенција „Анадолу агенција“ од Анкара прави анализа на причините за порастото на екстремната десница во Велика Британија

Наместо на улица – онлајн

Ник Ноулс, извршниот директор на ХНХ, во извештајот во врска со употребата на платформите на социјалните медиуми пишува дека „плодно поле за регрутирање на младите неонацисти е Инстаграм – несоодветното модерирање на оваа платформа и загрижувачкиот начин на кој работат нејзините алгоритми го актуелизираат прашањето за заштита на децата, што бара итна акција од страна на самата платформа“.

Познато е дека „Британска рака“ и „Националното партиско движење“, две релативно нови екстремно-десничарски групи, активно ги користат Инстаграм и апликацијата за пораки Телеграм за регрутирање членови во своите редови. На три момчиња, тинејџери, кои наводно се членови на „Британска рака“, во моментов им се суди со обвиненија за тероризам.

Пандемијата на Ковид-19 и карантините што следуваа играа важна улога во префрлањето на десниот екстремизам од улични активности во Велика Британија на онлајн-платформи. ХНХ откри дека на помладите групи им било полесно да преминат од работа на улица, кон употреба на технологијата за мобилизација, додека постарите и потрадиционалните групи заостануваат зад нив.

Карантините длабоко влијаеа врз секој дел од нашето општество, што не е помалку случај и со крајната десница. Традиционалните организации веќе беа во опаѓање, а изолацијата ја влоши нивната активност – вели Ноулс

Тој додава дека „новите организации и колективи што се појавуваат разбираат како да работат во ова децентрализирано, самонасочено окружување“.

Лидерите поважни од организациите

Студијата открива и дека традиционалната екстремна десница во Велика Британија во моментов е на најслабо ниво, бидејќи десничарската идеологија се префрли во политичкиот мејнстрим по изборот на Борис Џонсон за премиер и по Брегзит. Главните политичари и коментатори сега користат јазик и реторика што ја користеше само крајната десница во обид да ги пресретне ваквите нарации за добивање поддршка.

Она што е важно е, сепак, дека за луѓето кои се симпатизери на крајно-десничарската кауза постои поголема веројатност да бидат под влијание на одредени поединци и личности, отколку на самата идеологија.

Екстремната десница го префрли својот фокус од градење на позициите околу самите организации, во градење позиции околу самите лидери, што се засили со феноменот на дигитализацијата. Томи Робинсон и Најџел Фараж се примери на новата генерација на екстремно-десничарски персоналитети – се вели во Извештајот.

ХНХ ја оцени стратегијата на владата за контраекстремизам како застарена, заклучувајќи дека таквата стратегија под итно треба да се „ремонтира“. Организацијата ги повика и гигантите на социјалните медиуми, Фејсбук и Јутјуб, да преземат поефикасна акција за забрана на екстремно-десничарските групи да ги користат нивните услуги, со оглед дека владата ги означува овие движења како терористички организации.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.