Добросостојбата на учениците и безбедната средина за развивање се предуслов за постигнување на добри училишни резултати. Министерството за образование и наука во соработка со Бирото за развој на образованието, разви Програма за психосоцијална помош и поддршка во основни и средни училишта, за зајакнување на капацитетите на стручните соработници за работа со ученици на унапредување на нивното менталното здравје и давање психосоцијална поддршка, рече министерот за образование и наука Јетон Шаќири на 12 средба на секторската работна група „Образование, вработување и социјална политика“.

Објаснувајќи дека околу 700 стручни соработници од основните и средните училишта, професионалци за ментално здравје, се обучени за оваа програма, министерот Шаќири нагласи дека мрежата на стручни соработници ќе преземе водечка улога на ниво на училиште во справување со предизвиците во овој период.

Во средното стручно образование, реформата треба да резултира со подготвеност на младите луѓе по матурирањето брзо да се вклучат на пазарот на труд или успешно да продолжат во високото образование. Преку воспоставувањето Регионални центри за стручно образование и обука, целта е брза реакција кон нови вештини и брзо враќање на работа на возрасните како и ефикасно модулирање на програми за стручно образование и проширување со повисоки нивоа на квалификации. Концептот за воспоставување на Регионални центри за стручно образование и обука е усвоен во април 2022 година, врз чија основа се усвои и Концепција за средното образование на возрасните.

Во делот на легислативата, Министерството за образование и наука има усогласени текстови за новите закони за образование на возрасни и за стручно образование и обука, а за Законот за средно образование во тек е постапката на усогласување на финалната верзија на текстот на законот со другите институции.

Во новиот Закон за средно образование се дефинира кариерното советување и кариерен советник како посебна категорија. Со формирањето на Кариерни центри и системско воведување на кариерните советници, може да се добијат очекувани резултати за правилно насочување на учениците при изборот на идната кариера и во согласност со понудата и побарувачката на пазарот на трудот“, посочи министерот Шаќири, додавајќи дека системот за следење на матурантите по завршување на формалното образование е веќе креиран и ќе функционира врз основа на податоци што ќе ги доставуваат учениците откако ќе дипломираат, како и самите работодавачи.

„На порталот anketi.mon.gov.mk секој матурант ќе може да пристапи едноставно со најава, да наведе воведни податоци за себе и своето средно стручно образование, и потоа да пополни три прашалници.Процесот ќе им одземе малку време и на учениците и на работодавачите, а за нас е од големо значење, затоа што прибраните податоци ќе бидат база за креирање на идните образовни политики во делот на средното стручно образование“, наведе министерот за образование и наука Јетон Шаќири.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.