Триесетиедногодишниот Сашо Милошeвски беше најсреќен од 47-те верници, кои денес, во базенот “Расадник” во Кисела Вода, скокнаа да го фатат чесниот крст во чест на празникот Богојавление-Водици. Здравје, среќа и успех за себе, но пред се’, за синчето Максим и сопругата Бранкица, посака да му донесе осветениот крст. И’ се заблагодари на Oпштина Кисела Вода и на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски за возобновената манифестација, како и за наградите, кои во духот на христијанството, одлучи да ги донира на социјално загрозени семејства.

Градоначалникот Ѓорѓиевски, му честиташе на среќниот Милошевски и им се заблагодари на сите кои зедоа учество во денешната манифестација. Потенцираше дека дадоа свој удел во идејата за обединување на народот и продолжување на една вековна традиција на празнувањето на еден ваков голем христијански празник.

Најнапред да ви се заблагодарам, вам, на медиумите за вашето присуство. Денес, за мене е многу значаен ден, најпрвин затоа што ми е именден и би сакал овој голем македонски православен празник да им го честитам на сите верници. Исклучително важно ми е што денес, овде, во Кисела Вода, имавме вистинско обединување. Сакам да ги поздравам за својата храброст сите оние кои денес се фрлаа по крстот и воедно, да му честитам на оној кој што го фати крстот, Сашо. Добар гест е она што го направи, баш во духот на православието, да ги донира овие работи кои што ги доби денес од општината и нашите општествено одговорни компании. Ова е една традиција која што беше замрена со години наназад во општина Кисела Вода. Драго ми е што има ваков одзив, имаше над 500-тини наши сограѓани, овде присутни. Се надевам дека ќе премине во вистинска традиција, ова е нешто што не одржува со векови како народ и како нација и со години понатаму ќе се практикува и ќе се спроведува ова како настан во Кисела Вода, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

На новинарско прашање колку фаќачи на крстот имаше денес, градоначалникот Ѓорѓиевски одговори дека бројката, односно интересот за манифестацијата, ги надминала очекувањата.

На почетокот мислевме дека нема да има повеќе од десетмина, но мислам дека беа вкупно 47 пријавени. Не видов точно дали сите се фрлија, но драго ми е што имаше и две девојки кои се фрлија по крстот, а имаше неколку луѓе кои што не се од Кисела Вода. Денес направивме еден убав настан. Сакам да им се заблагодарам на сите граѓани, истакна градоначалникот Ѓорѓиевски.

На чинот на положување на крстот му претходеше света литургија со која чиноначалствуваше отецот Благоја од црквата Св. Ѓорѓија. За најсреќниот Сашо Милошевски, кој одлучи да ги донира наградите, се обезбедени средства во висина од 12 000 денари од градоначалникот Ѓорѓиевски, икона од пратеничката од Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, како и бела техника, апарати за домаќинстовото и вредносни ваучери од повеќе општествено одговорно компании.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.