На денешен ден, 13 ноември 1970 година зградата на Музејот на современата уметност свечено беше пуштена во употреба. Сместен на врвот од ридот Кале, во непосредна близина на средновековната тврдина, Музејот на современата уметност е опкружен со панорамата на Скопје и неговата поширока околина. Подигната во 1970 година, зградата на Музејот е извонреден пример на архитектурата на високиот модернизам и е споменик и симбол на светската солидарност во обновата на Скопје по земјотресот во 1963

Локацијата на Музејот,  била избрана по сугестија на полскиот архитект и урбанист Адолф Циборовски, конечно е одбрана највисоката точка на брдото Кале во средиштето на скопската долина и во самиот центар на градот Скопје, а во непосредната близина на средновековната и османлиската тврдина. Изборот на локацијата е мотивиран од урбанистичкиот план за Калето кој е замислен да се уреди како комплексен парк-музеј, во кој Музејот на современата уметност ќе доминира над градската панорама како средишен споменик и симбол на светската солидарност во обновата на Скопје.

Според кажувањето на Борис Петковски, првиот директор на МСУ, во 1965 тој во Париз остварил средба со Ле Корбизје за да го покани да биде автор на проектот на зградата на Музејот, но тоа големиот архитект не можел да го прифати поради други обврски.
Со залагање на А. Циборовски, во изработката на проектот за зградата на МСУ се вклучува владата на Полска, која решава проектот да биде нејзина донација и за таа цел во 1966 година распишува национален конкурс на кој се пријавуваат 89 проекти. Избран е проектот на архитектите Јержи Мокшински, Евгениуш Вјежбицки и Вацлав Клишевски, бидејќи ги задоволува зададените барања за примена на современите музеолошки и функционални принципи. Зградата има две нивоа и еден делумно под земја наменет за депоата, конзервацијата и погонските простории. Корисната површина зафаќа вкупно 5428м2, од која 3000м2 отпаѓаат на изложбените простори, а останатите на депоата, администрацијата, инфраструктурата и други пропратни содржини.
Изградбата на Музејот е започната на 5 април 1969. и е завршена во рекорден рок на 13 ноември 1970 година, кога е и свеченото отворање со големата изложба на делата од колекцијата, односно со промоцијата на музејската Постојана поставка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.