Музејот на современата уметност во рамките на Интердисциплинарната програма продложува со циклусот онлајн предавања под наслов „Без/редие во светот на уметноста“.

Во среда, 25 ноември во 18.30 часот предавање ќе одржи Ејал Вајзман, професор на Универзитетот „Голдсмитс“ во Лондон и основач на колективот „Форензичка Архитектура“ (Forensic architecture). Предавањето е насловено „Конта истрагите (Постапки на утврдување докази)“.

Ејал Вајзман е автор на бројни публикации меѓу кои ,,Издлабена земја: Израелската архитектура на окупацијата’’ (2007), ,,Најмалото од сите можни зла: Хуманитарно насилство од Арент до Газа’’ (2011), ,,Менгелевиот череп: Појавување на Форензичката естетика’’ (Во коавторство со Томас Кинан) 2012, ,,Форензичка архитектура: Насилството на прагот на детектирањето’’ (2017)

Колективот „Форензичка архитектура“ спроведува современи архитектонски и просторни истражувања, дигитални моделирања, цртежи и анимации, како и документирани истраги на случаи поврзани со државен криминал и повреди на човековите права. Нивните детални и критички истраги прикажуваат како јавната вистина се произведува преку технолошки, архитектонски и естетски анализи – и како овие анализи може да се искористат во спротиставување и разоткривање на формите на насилствa предводени од државите. Овој колектив соработува со заедници и групи кои се наоѓаат во конфликтни зони или се објект на државно насилство. Исто така, тие настапуваат во име на меѓународни обвинители и се дел од соработки со Обединетите Нации, организации за заштита на човекови права, како и политички и еколошки групи кои се залагаат за правда.

Наодите од нивните истраги се презентирани во национални и меѓународни судници, граѓански трибунали, парламентарни истраги, како и изложби во водечките светски музеи и галерии.

Автор на проектот Без/редие во светот на уметноста е Тихомир Топузовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.