Министерството за здравство соопшти дека 85 отсто од новите Ковид случаи и 91 процент од хоспитализираните се невакцинирани.

Според двонеделната анализа, од 06.08 до 19.08.2021 на територијата на државата 9.881 граѓанин биле позитивни на Ковид. Од нив 1.507 биле целосно вакцинирани (со две дози) што е 15 проценти.

Според двонеделната статистика, 8.374 граѓани од позитивните не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 91, додека девет отсто од 724 моментно хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани. Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од две седмици на територија на државата починало 101 лице, 92 пациента од починатите не биле вакцинирани, а девет лица, односно осум проценти, примиле вакцина. Според анализите, починатите имале повеќе хронични заболувања – наведуваат од министерството за здравство.

Заразените и починатите се вакцинирани со вакцини што ги има на располагање кај нас, како и вакцини „Модерна“ и „Џонсон и Џонсон“, кои некои од пациентите ги примиле во странство.

Министерството за здравство уште еднаш укажува на важноста на вакцинацијата.

Секоја вакцина што ја имаме на располагање е безбедна, ја намалува шансата од заболување, спречува тешка форма на болеста и штити од смртен исход. Апелираме граѓаните да се вакцинираат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на СарсКов2 – велат од Министерството.

Во анализата за вакцинирани се сметаат лицата вакцинирани со две дози, кои поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.