Наместо Собранието да биде дом на граѓаните и место каде се дебатира за теми кои се од интерес на тие кои не упатиле да ги претставуваме, продолжува трендот на самоволие и непочит кон процедурите од страна на мнозинството, рече денеска координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Мицевски изјави дека Талат Џафери денеска не дозволи пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ да дисктура по однос на интерпелацијата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Ова, како што истакна, следува по скандалозното однесување претходната недела со кое од дневен ред се тргнаа интерпелациите за Бојан Маричиќ и Љупчо Николовски.

-Собраниското мнозинство на СДСМ и ДУИ секојдневно покажува зошто Македонија е карактеризирана како хибриден режим и зошто меѓународните организации укажуваат дека имаме нефункционални институции. Прв пат во 30 години повеќепартиски систем на најголемата опозициска партија и е оневозможено да зборува за интерпелацијата на еден министер, чие работење го обележуваат многу скандали. Наместо Собранието да биде институција за контрола на владата, Владата преку Талат Џафери го контролира Собранието, рече Мицевски.

Според него, наместо претседателот на Собранието да работи согласно Деловникот и да обезбедува услови за демократска работа, тој со неговото авторитарно однесување создава атмосфера во која работата на Парламентот ќе биде се понеефикасна, а одговорноста ќе биде на собраниското мнозинство и лично на Талат Џафери.

-ВМРО-ДПМНЕ нема намера да учествува во театралната интерпелација режирана од страна на Џафери и СДСМ и затоа ја напуштивме денешната Седница. Собранието не е дом на СДСМ и ДУИ. Собранието е дом на сите граѓани, заклучи Мицевски.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ја напушти денешната седница на која се расправа за интерпелацијата за министерот Спасовски. Пратениците од опозициската партија не можеа да се обратат бидејќи не беа ставени на листата на говорници, поради тоа што, како што беше објаснето од претседателот на Собранието Џафери, тие својата листа ја доставиле до него со неколку часа задоцнување, а денеска нивен претставник не присуствувал на координација за да се договорат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.