За коалицискиот партнер во владата Али Ахмети изборот на Христијан Мицкоски Драган Ковачки да раководи МВР е сосема оправдан. По средбата со Мицкоски во Собранието Ахмети изјави дека се работи за професионалец, кој не е познат како политички активист и во цивилниот живот. Лидерот на ДУИ оцени дека Ковачки е добро решение како за МВР така и за мирот и безбедноста.

ДУИ и официјално соопшти дека треба да се остави политичките партии да имаат автономија и одговорност да номинираат кандидати за различни позиции.

Процедуралните аспекти треба да ги решаваат надлежните институции, а не партиите. Треба да се земе во предвид евалуацијата на релевантните институции, притоа почитувајќи го принципот политичките партии да имаат автономија и одговорност да номинираат кандидати за различни позиции, велат од ДУИ.

Но, предлогот на Мицкоски наиде на отпор кај СДСМ, а јавноста не е изненадена од одговорот на партијата на Заев. Очекувано е во овие четири дена Заев да ги искористи сите адути на располагање за да го одложи формирањето на техничката влада на 3 јануари, а со тоа и одржувањето на изборите на 12 април.

Анкетите го имаат одговорот – она што го знае и лидерот на СДСМ е дека ВМРО-ДПМНЕ има значителна предност пред СДСМ на тие анкети. Оттука, отфрлањето на Ковачки како предлог во моментов е единствениот излез за премиерот во заминување за да ја одложи својата политичка пензија.

Во интервју за МТВ пред околу една недела Заев и најви дека е „млад и има уште многу да сработи“, па не размислува за напуштање на политиката.

Млад човек сум, не сум за во пензија. Владееја 12 години безмалку, пред 2.5 год. добив чест… и тоа како можам многу да сработам за мојата, за нашата, за заедничката земја која што е и на Мицкоски. Ќе се потрудам да останам и да ја вршам честа и одговорноста која што ми даваат граѓаните на еден чист мандат, на решени меѓународни проблеми, на интегрирана земја, да покажам што навистина е економија, рече тој.

Од друга страна, ништо не гарантира дека кој било друг предлог на чело на ова министерство или на другите две кои му следуваат на ВМРО-ДПМНЕ според Пржинскиот договор ќе биде соодветен за СДСМ. Ваквото кадровско „пребирање“ е далеку од прашање на истенчен вкус, туку грчевита борба да се избегне неизбежносто – пораз на изборите и политичка и кривична одговорност за годините криминално владеење на СДСМ и Зоран Заев.

Она што најмногу ја иритира јавноста е ставот на СДСМ изнесен во соопштение до медиумите дека ниту една политичка партија пред граѓаните не смее да помисли да излегува со неуставни предлози.

Кршењето на Уставот не е и не може да биде ниту право, ниту правда, ниту принцип. Политички е целосно погрешно да се промовира кршење на највисокиот правен акт во државата Уставот. Ниту една политичка партија пред граѓаните не смее да помисли да излегува со неуставни предлози, наведува СДСМ.

Селективниот пристап на СДСМ кон Уставот во јавноста создава револт, а овој став е оценет како лицемерен. Ваквиот одбранбен став на Заев е доказ дека е дотуркан до ѕид и претставува очигледен страв од изборен пораз и последен обид пред 3 јануари Заев да ја повлече ветената оставка и да не се соочи со народот.

Притоа, не треба да се заборави дека и понатаму втората најголема политичка партија во владата нема проблем со изборот за технички министер за внатрешни работи.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.