Новинарот и уредник, Зоран Димитровски Жоро, е разрешен без никакво образложени во петокот од позицијата одговорен уредник на неделникот Фокус.

Тој се сомнева дека причина е серијата текстови во коишто на сатиричен начин ја критикува актуелната владејачка гарнитура, а вклучително и премиерот Зоран Заев. Имено, Димитровски пред извесно време бил опоменат дека ваквите текстови пишувани на дијалект биле „неприфатливи и под нивото“ на Фокус, објави Нетпрес.

Димитровски, пак, потсетува дека такви критички написи објавувал и во периодот на владеењето на поранешниот премиер Никола Груевски. Очигледно дека тогаш тоа не му пречело на уредништвото на неделникот.

Зоран Димитровски Жоро со своите анализи и опсервации на домашната политичка сцена е присутен речиси три децении, од поранешниот младински неделник Млад борец, а во неделникот Фокус е од самите негови зачетоци. Своевремено беше главен и одговорен уредник на дневните весници Вечер, Дневник, Нова Македонија, за подоцна да се врати и да го води повторно Фокус.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.