Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) остро го осудува арогантниот однос на поранешниот министер за правда, Аднан Јашари, кој вчера побара од новинарката на „Фокус“ Фросина Факова-Серафиновиќ да избрише текст поврзан со полагањето правосуден испит од страна на синот на претседателот на Собранието Талат Џафери во 2015 година.

Според јавно достапните информации може да се види дека во 2015 година министер за правда бил Аднан Јашари, па „Фокус“ побарал коментар од него за целиот случај.

Откако го видел објавениот текст, поранешниот министер за правда Јашари телефонски преку вибер порака искомуницирал со новинарката наведувајќи дека станува збор за погрешна статија и барал да се избрише текст со тема која е од легитимен јавен интерес.

Потсетуваме дека ваквата постапка е спротивна на членот 16 од Уставот каде се гарантира слободата на изразување и се забранува цензурата.

Ова е втор случај неделава на непримерна и недозволива комуникација кон новинари и затоа ЗНМ алармира дека ваков однос кон новинарите и медиумските работници од страна на одговорни лица или поранешни државни функционери е неприфатлив.

Ваквиот однос претставува притисок на слободата на информирањето на јавноста и загрозување на јавниот интерес.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.