Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција посочи дека зајакнатите мерки и донесената одлука за зголемување на полицискиот час е поради тоа што забележано било непочитување на мерките од страна на граѓаните. Како дополнителни причини Филипче ги посочи и доаѓањето на големиот христијански празник Велигден, но и најавите за убаво сончево време.

Беше забележливо дека до сега дел од граѓаните не ги почитуваа мерките, а во предвид ги имавме и празниците и убавото време, а само социјалната дистанца е единственото нешто што ќе спречи ширење на вирусот. Социјалната дистанца не е во природата на човекот, но сепак мора да ги почитуваме мерките, изјави денеска министерот за здравство Филипче.

Техничкиот премиер Оливер Спасовски рече дека во оваа состојба нормално е да се носат вакви брзи одлуки и испрати апел и молба до сите граѓани да ги почитуваат мерките на Владата.

И Спасовски и д-р Владимир Микиќ порачаа порачаа дека како земја не сме го поминале најлошото и дека според експертите во наредните 2-3 недели ќе го достигнеме пикот со 2.000 до 2.500 потврдени случаи.

Заканата е страшна, радикална и нашето однесување мора да биде и радикално и различно од тоа што е сега, рече Спасовски.

Тој додаде дека денешните поригорозни мерки не се последното што можеме да го видиме и оти државата има спремено и други сценарија, но апелираше граѓаните да се однесуваат одговорно за да не дојде до воведување уште поригорозни мерки.

Има разработени сценарија и може да очекуваме уште мерки ама апелирам граѓаните да не постапуваат неодговорно само за да видат дали има уште мерки. Колку поодговорни би биле граѓаните, толку мерките би биле полесни, толку пократко би траела целата оваа изолација и толку помали би биле негативните ефекти од коронавирусот врз државата, рече Спасовски.

Тој порача дека да се седи дома, да се почитуваат одлуките за изолација и самоизолација денеска е најголемото херојство кое може да се направи.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.