Заменик-министерот за надворешни работи Андреј Жерновски, според дипломатски извор од МНР, ќе биде идниот амбасадор на Македонија во Мисијата при Обединетите нации во Женева.

Откако премина од ЛДП во СДСМ и тоа директно во Централниот одбор, Жерновски се договори да го добие земеничкото место во МНР. Но, во СДСМ тој сепак е половично прифатен кадар и во владејачката партија Жерновски сѐ уште се третира како падобранец, со речиси никакви шанси да биде на добитно место на пратеничките листи кои ги подготвуваат Заев, Шеќеринска и Оливер Спасовски. Тоа, според изворите на Магазин, е основниот мотив зошто заменик-министерот Жерновски пред избори сака да замине за амбасадор.

Арифи во Вашингтон, Талески во НАТО

Премиерот Заев индиректно потврди дека е разговарано за опцијата Теута Арифи, градоначалничка од ДУИ, да биде новата амбасадорка во Вашингтон, а секретарот за меѓународна соработка на СДСМ, Дане Талески, да биде номиниран за амбасадор на Македонија при мисијата во НАТО во Брисел. Другите кандидати за кои постои иницијатива за амбасадорски ангажман се

Шпреса Јусуфи, дипломат од кариера, за амбасадор во Анкара
Сашко Насев, кадар на НСДП, поранешен амбасадор во Канада, за амбасадор во Софија
проф. Мишо Докмановиќ, близок колега на министерката Рената Дескоска, за амбасадор во Тел Авив
Паскал Стојчевски, амбасадор во Прага во времето на Груевски, за амбасадор во Хаг
Емил Кирјаз, поранешен држ. секретар во МНР, за амбасадор во ОН, Њујорк
Светлана Гелева, дипломат од кариера, за амбасадор при Советот на Европа во Стразбург
Рами Реџепи, дипломат од кариера близок до ДУИ, за амбасадор во Рим

Пендаровски не ги сака кадрите на Димитров

Во владејачката коалиција изгледа постојат недоразбирања за тоа кој треба, а кој не треба да биде упатен за амбасадор, особено на релацијата Пендаровски – Димитров. Се шпекулира дека Пендаровски веќе одбил неколку предлози на Димитров, негови блиски соработници и пријатели. Се споменуваат имињата на дипломатите Методија Белевски, Елена Бодева и Миле Прангоски.

Истовремено, коалициониот партнер ЛДП изразил незадоволство за неисполнувањето на договореното место за амбасадор во Обединетите нации во Њујорк, односно сметаат дека МНР Димитров намерно ги кочел договорените законските измени на Законот за надворешни работи, со кои би се отстранила пречката при имање на двојно државјанство и би се забрзала номинацијата на Емил Кирјаз, кој има и британско државјанство, за македонски амбасадор при ОН во Њујорк.


Извор: Магазин

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.