Судскиот совет соопшти дека, според прелиминарните резултати од гласањето за избор на член на Судски совет од редот на судии припадници на заедницата која е повеќе од 20 отсто од населението во Република  Македонија, кое се одржа денеска, најмногу гласови освоил кандидатот Ханиф Зендели,  239, за разлика од неговиот противник Артан Лимани, кој имал 190 гласови, а кој во меѓувреме се повлече од трката за судија во Судскиот  совет.

Од 494-те судии запишани во судскиот изборен именик, правото на глас го искористиле 466 судии, имало 37 неважечки ливчиња, а не биле употребени 28 гласачки ливчиња.

Претходно, претседателот на судски совет, Киро Здравев, информираше дека судијата Лимани во понеделникот се повлекол од трката за член на судски совет. Сепак, бидејќи ливчињата за гласање веќе биле испечатени и гласачкиот материјал се делел по избирачките одбори, неговото име останало на ливчето, па судиите кои гласале можеле да го заокружуваат и неговото име.

Во соопштението на Комисијата нема ниту еден збор дали гласањето е законито, со оглед на тоа дека судијата Артан Лимани ги повлекол документите, па дел од судиите знаејќи го овој факт, гласале за другиот кандидат, а за него, иако повлечен, сепак поддршка дале 190 судии.

Иако Лимани навел лични причини, судиите се сомневаат во таа приказна и гласно зборуваат  дека имало притисок од ДУИ да се избере Зендели и на тој начин оваа партија воспоставила целосна контрола над 4 членови Албанци во Советот, неопходни за мнозинство по Бадентер, посебно сега кога треба да се изберат 6 судии на скопска Апелација и 6 на Врховниот суд, објави Сведок.

Секој избор без овие гласови е невозможен.

Денешниот избор повторно покажа дека судиите во најголем дел работат како што ќе им кажат, бидејќи новиот член на Судски има едвај 4 години стаж како судија, па во тој период ретко кој би можел да го процени преку донесени пресуди, пишува Сведок.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.