Денеска Скопје е празно бидејќи многу скопјани заминаа за Белград за да се вакцинираат, бидејќи оваа власт повеќе ја интересираат провизии отколку здравјето на граѓаните, порача претседателот на градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Нелоски на протестот што го организираа пред Министерството за здравство, под мотото „Здравје, а не провизии“ и од кој побараа оставка на министерот Венко Филипче.

Во знак на протест поради вчера починатите 33 лица Нелоски пред Министерството за здравство остави црна панделка.

„Филипче треба да си даде оставка поради 3.600 починати и поради фактот што Министерството за здравство е станато министерство за лична провизија и богатење. Додека граѓаните умираат првите луѓе на власта шетаат по тропските предели и затоа не само што треба да има оставки, туку треба да има и одговорност за секојдневните мртви и за неспособноста на власта“, рече Нелоски.

Владимир Ѓорчев своето обраќање го започна со минута молк за сите 3.600 починати од коронавирусот во Македонија.

„Денеска во Македонија додека зборуваме во моментов се подготвуваат 33 погреби, денеска 33 семејства ќе ги испратат своите најмили и веќе никогаш да не ги видат, ќе молчиме затоа што власта не се ни дрзнува во Собрание да молчи за починатите свои сограѓани, минута молк затоа што болката е голема и затоа што мртвите се премногу, а неспособноста е ужасна, не е нормално да умираат по 30 луѓе дневно и никому ништо“, рече Ѓорчев и додаде дека „вака не се умирало од Втората светска војна“.

Тој додаде дека во Србија се вакцинираат по 40.000 луѓе дневно, Албанија има набавено преку 100.000 вакцини, Грција има 5 милиони вакцинирани луѓе, Хрватска има 400.000 вакцинирани, а „ние треба да седиме мирно и да бидеме индиферентни на тоа што Сомалија, Руанда и Зимбабве вакцинираат пазарџии и такси возачи“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.