Централното претседателство на Алтернатива по тричасовна дебата ја заврши седницата зад затворена врата на која се решаваше дали партијата ќе се приклучи кон Владата и парламентарното мнозинство или ќе остане во опозиција.

Од партијата најавија дека наскоро ќе ја информираат јавноста за одлуките.

Во меѓувреме, со двочасовно задоцнување почна седницата на Централниот одбор на СДСМ. Претходно заседаваше Извршниот одбор на партијата.

ЦО и ИО, според најавите, вечерва треба да ја разгледаат оставката на претседателот на партијата Зоран Заев, и да дискутираат за актуелната политичка состојба и окрупнување на парламентарното мнозинство и владината коалиција.

Членот на Извршниот и на Централниот одбор на партијата Мухамед Зеќири, пред седницата изјави дека се очекува Заев да ги информира до каде се разговорите со потенцијалните нови коалициски партнери и да се отвори дебата во однос на неговата оставка.

Заменик претседателката на СДСМ Сања Лукаревска изјави дека имаат повеќе теми за дискусија – следните чекори на партијата, околу парламентарното мнозинство, актуелната политичка состојба.

Тоа ќе го дискутираме на Извршниот и на Централниот одбор бидејќи самите овие две седници се токму по негово барање – рече Лукаревска околу оставката на Заев.

Членот на Извршниот и на Централниот одбор Петре Шилегов, пак, изјави дека треба да разгледаат неколку сериозни позиции кои се однесуваат на формирањето на политичкото мнозинство, влезот на Алтернатива во Владата. Според него, тоа е извесно да се случи и како што кажа, очекува тоа да биде примарно на дебатата и формирањето на Владата.

Многу состојби ќе дискутираме, ковид, енергетската и политичката состојба во државата потоа ќе донесеме соодветни одлуки. Не знам дали ќе се расправа за оставката на лидерот Зоран Заев. Ова е редовна седница која беше закажана во вторникот меѓутоа се одложи поради немилите настани во Бугарија – изјави Шилегов.

Седниците на ЦО на СДСМ и на Централното претседателство во Алтернатива требаше да се одржат во вторникот, но беа одложени поради тридневната жалост по автобуската несреќа во Бугарија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.