Собранието попладнево по три дена ја заврши расправата по Предлог-законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, согласно кој по 19 години земјава годинава треба да ја изврши оваа статистичка операција. По Предлог законот ќе се гласа на продолжение на оваа седница, кое ќе биде дополнително закажано.

Во обраќањето пред завршувањето на расправата, министерот за правда Бојан Маричиќ истакна дека државата и системот се подготвени за попис, бидејќи, како што рече, речиси 20 години таква операција не е спроведена, а е од исклучителна важност за развојот на државата. Доказ за подготвеноста рече, е и извештајот на Европската Комисија, во кој се нотирал добар напредок, особено во спроведувањето на пилот фазата од пописот на населението, како и тестирањето на новата методологија.

Тој ги отфрли обвинувањата на опозицијата дека насила се „турка“ попис, а тие како политички субјект биле игнорирани од власта по ова прашање.

Пратениците од опозицијата се сомневаат дали и колку процесот ќе биде навистина статистички, а не политички.

Опозициските пратеници велат дека треба да биде статистичка операција што ќе даде бројки за резидентно население, а не број на државјани. Според нив, ја нема дефиницијата за постојано место на живеење, која мора да ја има секој закон за попис, а регулативите на ЕУ и ООН, за резидентно население го  сметаат она кое живеело во нивното место на вообичаено живеење за континуиран период од најмалку 12 месеци пред пописот и она кое пристигнало во нивното место на вообичаено живеење во текот на 12 месеци пред пописот со намера да остане таму најмалку една година.

Во земјава првиот попис е одржан во 1948 година. Спроведени се осум пописи, а последниот во 2002 година. Во 2011 година почна да се релизира ваква статистичка операција, но, таа беше прекината.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.