Заврши последната ротација на припадници на Армијата на Република Македонија во Авганистан. Нашите мировници се вратија дома, а со тоа заврши и скоро две декади долгото учество на Армијата во мисиите на НАТО – „ИСАФ’’ и „Одлучна поддршка’ во Авганистан.

Во периодот од 2002 до 2015 година, околу 3.000 припадници на Армијата беа дел од силите ИСАФ во Авганистан, на различни позиции и со различни задачи. Македонските војници, подофицери и офицери работеа како штабни офицери, припадници на единици на обезбедување на главната команда, инструктори во тимови за менторирање, а беа дел и од медицински и хируршки тимови. Во ИСАФ, свој придонес дадоа и специјалните единици, кои работеа заедно со припадниците на Националната гарда на Вермонт, во здружени тимови.

Македонија во ИСАФ соработуваше со поголем број на партнери, САД, Германија, Турција, Обединетото Кралство, Норвешка, Грција, Чешка, Франција, а офицери испраќавме и како дел од земјите на Јадранската повелба А3 со Албанија и Хрватска, односно подоцна и земјите од групата А5.

Од 2015 година, припадниците на Армијата даваа свој придонес во мисијата- наследник, „Одлучна поддршка“ и тоа со 500 припадници, распоредени во Командата за обука, советување и асистенција – главен град Кабул, под команда на Турција; потоа во Командата на мисијата предводена од САД, со задача обезбедување на командата; во тим за советување во командата – Север предводени од Германија; во рамките на заедничкиот придонес на групата А5 во Центарот за здружени операции на КОСА – Север и во хирирушки тим во норвешката Role-2 болница, во соработка со Кралството Норвешка.

Македонија ги повлече своите војници од Авганистан, во согласност со одлуката на сите земји-членки на Алијансата за завршување на мисијата „Одлучна поддршка“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.