Министерот за правда Бојан Маричиќ, по денешната посета на затворот во Штип, изјави дека состојбата во затворите е под контрола и дека сите затвореници коишто пројавиле посериозни симптоми или им треба болничко лекување веднаш им е прекинато извршување на казната и се упатени на болничко лекување.

Маричиќ посочи дека во петокот ги соопштил информациите за тоа каква е ситуацијата со позитивните случаи на затвореници во Идризово.

Во тој момент имаше осум заболени затвореници во Идризово и околу 60 во изолација. Дел од тие затвореници за да може да се овозможи правилна изолација ќе бидат пренесени во други КПД установи за да се овозможи соодветен третман – изајви Маричиќ.

Прашан колки средства од буџетот за 2021 година се извдоени за политичките партии, Маричиќ рече дека Министерството постапува по закон, кој точно утврдува во процент колку пари земаат партиите, за кои е најбитно да се користат законски.

Знаете дека концептот на финансирање на политичките партии е утврден претходно повеќе години наназад, пред се како една брана од евентуални влијанија политички во бизнис секторот или, пак, задолжување на партиите кај бизнис секторот. Идејата да има зајакнато јавно финансирање е за да нема таков вид на притисок или проблеми какви што имало во минатото. Тоа беше дел од Пржинскиот процес и тоа е резултат на тие разговори – изјави Маричиќ.

Во однос на хроничниот проблем со малиот број на судии и јавни обвинители, Маричиќ посочи дека пред неколку недели биле усвоени стратегии за човечки ресурси и за јавното обвинителство и за судството.

Знаеме дека моментно единствена точка на влез во правосудниот систем е Академијата за судии и јавни обвинители. Моментно наставата ја слушаат 60 кандидати, а тече конкурсот за нови 97 места. Јас верувам дека можеме со таа актуелната програма и со евентуално новата прилагодеан програма за стручните соработници во судовите и обвинителството да добиеме во еден брз период најдоцна до година дена да имаме нов кадар којшто ќе ги пополни овие места во судството – изјави Маричиќ.

Во однос на извршителите, Маричиќ, рече дека не треба да се заборави зошто оригинално било преместено извршувањето од судовите кај извршителите.

Тоа беше затоа што имаше извонредно неефикасно извршување на пресудите. Значи, идејата за извршувањето е тоа да го овозможи крвотокот на стопанството, на бизнис секторот да нема избегнување на долгови, да нема пропаѓање на компании заради избегнување на долгови и тоа е основната идеја. Мислам дека она што е основен проблем на граѓаните е можеби висината на оние дополнителни трошоци на извршувањето коишто навистина беа неразумни и мислам дека скоро 90 отсто се нивните трошоци намалени и тоа би требало да ја амортизира таа ситуација – изјави Маричиќ.

Тој нагласи дека е важно да има механизам по коишто ќе се извршуваат пресудите и ќе се наплаќаат долговите, кој ќе биде хуман и исто така ќе овозможи фер во наплаќањето на трошоците.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.