Пратеничката Рашела Мизрахи денеска на протестот под мотото „Оставка на Заев, слобода на народот“ од пред министерството за надворешни работи порача на граѓаните дека треба да се спротивстават на Зоран Заев и неговите лоши политики и анационализам. Политиките на Заев водат до губење на идентитет, јазик и историја. Ако тоа се изгуби се губи Македонија.

Денеска не се обраќа Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ, не се обраќа ниту пратеничката Рашела Мизрахи туку вашата сограѓанка, ќерка, сестра, мајка, жена од Македонија, истакна Мизрахи.

Мизрахи додаде дека во секој збор од химната на Македонија има тежина. Во секој збор на химната има огромна вистина. А, текстот на химната го напиша Владо Малески.

Колку ли горди треба да бидат неговите потомци, кога ги читаат овие стихови? Се надевам дека се, рече Мизрахи.

Мизрахи посочи дека Панко Брашнаров како најстар делегат го отвора Првото заседание на АСНОМ. Го отвора заседанието со следните зборови – „Другари и другарки, народни претставители во овој момент, во ова историско место „Св. отец Прохор Пчински“ и на овој историски ден Илинден го објавувам да е отворено Првото антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија“.

Што ли би рекле илинденците, зарем со нешто заслужија коските да им се превртуваат? И не од поробувачите, туку од оние кои во моментов ја водат државата, која токму илинденците и партизаните во завет ни ја оставија, слободна македонска држава со слободен народен јазик и вековна историја, држава на сите нејзини граѓани, истакна Мизрахи.

Мизрахи додаде дека овој собир не е против ниту една соседна држава, туку е против Заев и неговата екипа кои ги распродаваат националните интереси за кои живот дале македонските херои. Заев нема мандат да ја брише историјата и да ја пишува тој како што сака. На ова мора да се стави крај час поскоро.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.