Заминаа од политиката Зоран Заев, Алексис Ципрас и Бојко Борисов. Заминаа од политиката, но ќе остават трајна трага во историјата на Балканот како погребувачи на името на Република Македонија. Преку нивните топли прегрнувања и размена на врели бакнежи, ословувајќи се со брате Бојко, брате Заев и брату Алексис, го вратија македонскиот народ сто години назад во лавиринтите на негирањето на неговиот идентитет, јазик и писмо, речиси на работ на неговиот опстанок. Ја отворија Пандорината кутија на македонска штета, ги пуштија на слобода сите зла од неа и избегаа, не оставајќи никаква надеж дека може да се поправи нешто. Елиминирани од власт, зад нив оставија македонски урнатини, во главна улога на мајсторот за уривањето во ликот и делото на Зоран Заев, тогашен претседател на владата на поранешната Република Македонија, ФИРОМ за надворешна употреба, пишува во својата колумна за Нова Македонија, Панде Колемишевски.
Непосредно пред локалните избори, во еден од текстовите што ги објавувам во „Нова Македонија“ напишав дека Заев набрзо ќе си оди од власт, независно од нивниот исход, иако уште претходно се насетуваше дека неговиот Социјалдемократски сојуз ќе доживее убедлив пораз. Тоа лично убедување го засновав на искуството што се случувало со други високи политички личности што потпишувале клучни договори за своите земји, во поблиската историја на Балканот, од Слободан Милошевиќ до Зоран Заев, од Србија преку Бугарија и Грција до Македонија. Изнесов мислење дека штом од премиерските позиции заминаа Алексис Ципрас во Грција и Бојко Борисов во Бугарија, логиката вели дека мора да замине и Зоран Заев. Од тоа трио, кое, наводно, ја водеше успешната приказна за балканската политика на мир, не можеше да остане на власт последниот сведок (Заев) за делата на една крајно валкана, коруптивна, криминогена и анационална дружина.

Од тројцата погребници на името, Заев замина последен, иако, да беше доблесен и чесен, требаше да биде прв, особено по неуспешниот референдум за истото име. Тогаш не, но сега заедно со него потонаа и оние што му беа слуги, оние што се сликаа при потпишувањето на Договорот за пријателство со Бугарија во 2017-та и оние што трчаа по песокта крај Преспанско Езеро, во Нивици, кога се потпишуваше Преспанската спогодба со Грција во 2018-та. Останаа на површина само две-три периферни крилни резерви што одржуваа рамнотежа на глисерот да не пропадне од срам.
Ги нема веќе Заев, Димитров и Шеќеринска, далеку се Ципрас и Коѕијас, во парламентарен бонус се Бојков, Екатерина Захариева и полубугаринот Красимир Каракачанов-Краси, јавачите на антимакедонската, трета бугарска окупација. Низ европските лавиринти останаа сенките на Јоханес Хан и Федерика Могерини, речиси сите го заборавија медијаторот Метју Нимиц. Сите што заеднички се сликаа со насмевки на лицата, сега се во историските архиви. Заминаа оние што го погребаа македонското име од сите македонски институции, што на македонскиот народ му ги избришаа националните атрибути. Наместо живи, станаа мртви сведоци за еден историски исечок од валканата политика на Балканскиот Полуостров. Останаа живи само Македонците на нови ветрометини.
И во двата случаја, со Грција и со Бугарија, македонските челни преговарачи, наместо да се удрат по своето чело, удрија по државата. Заев и Никола Димитров како главни играчи и нивните секунданти одиграа како шаховски пацери, да не речам полуслепи мајстори, кои не гледаа подалеку од своите два повлечени потега. За разлика од нив, противникот уште однапред ги имаше согледано позициите и на Македонија ѝ даде национален шах-мат. Некој би рекол: Да, влеговме во НАТО, но ја загубивме Македонија што ја познававме и што ја сакавме.
Тажно е сега да се тажи по Заев. Билансите од неговото владеење допрва ќе се прават и ќе излегуваат на површина. Сигурно не е толку црн ѓавол како што го прикажува опозицијата, ниту светец каков што ореол му става официјалниот дел од неговата социјалдемократска партија. Едно се неговите успеси во одделни области, НАТО на пример, друго е црното петно што ќе го следи до крајот на животот. Дамката дека во времето на неговото владеење историјата на Македонија и Македонците е доведена во прашање со ништо не ќе може да се избрише. Дека е тој оној што внесе бугарски црв во македонското дрво на животот.

Во овој контекст, барем во скоро време, ќе остане без одговор прашањето што, всушност, сакаше македонскиот претседател на владата, особено во односите со Бугарија. Ако при договарањето со Грците беше поприлично внимателен и затворен, нетранспарентен, со Бугарите ги отвори своето срце и душа небаре е новоосвестен Бугарин. Ќе остане тајна дали неговата крајна цел беше експресно усогласување на ставовите за еден народ во две држави, за признавање на Македонците како поранешни Бугари или некоја трета варијанта на братство преку соединување во една држава на два система, како Кина и Хонгконг.
Треба почесто да се гледа и анализира интервјуто што го даде за Независната бугарска агенција (БГНЕС), низ кое се наѕираат сите можни варијанти. Негирајќи и обезвреднувајќи ја историјата на Македонија и другите југословенски народи низ цели 75 години, а прифаќајќи ја заедничката со Бугарија, Заев како да го најави курсот во насока на историско, национално, јазично, културно и црковно единство во една европска бугарска држава.
Постои мислење дека таа идеја, поточно задачата за спој на двата народа, му ја дале во рацете на Заев западните центри што ја решаваат судбината на светот. Едни сметаат дека е тоа план на Американците, други дека тука се гледаат германски прсти. Во таа смисла двете мислења, колку и да се различни, се совпаѓаат во еден став, а тоа е дека Заев е елиминиран поради тоа што не ја завршил таа задача. А му била дадена или била договорена на највисоко ниво.
Може оваа теза да се смести во полето на фантазијата, како што не може да се исклучи фактот дека многу настани што беа на раб на фантазија станаа сурова реалност. Во прилог на ваквите „светски заговори“ оди тезата дека поразот на локалните избори никако не бил причина за експресната оставка, дадена само неколку часа по соопштување на резултатите. Навистина, по големата слава по приемот во НАТО, по славопојките за раѓање на нов лидер на Балканот, по хитовите компонирани за предлози за кандидатура за Нобелова награда, таа оставка ниту би била очекувана ниту логична. Ноќта на 31 октомври 2021 година долго ќе крие не само Заеви лични туку и многу други македонски тајни.

Значи, во Грција, во Бугарија и во Македонија има нови влади и нивни претседатели. Заминаа оние што го погребаа македонското име од сите македонски институции, што на македонскиот народ му ги избришаа националните атрибути. Ги нема старите, иако своевремено од нивните ментори ги добиваа најласкавите оцени за лидери на Балканот, за лица со нови европски погледи, ги посочуваа за пример како се решаваат билатерални и меѓународни спорови. По тие фалби следуваа убедливи изборни порази за сите тројца. Нивните наводни заслуги се распрснаа како меур од сапуница. Ципрас сѐ уште се држи со својата партија, како млак и безопасен опозиционер, без какво било влијание во грчката политика. На Борисов сѐ почесто му се закануваат со прогон за корупција и криминал, таквите закани не го одминуваат ни Зоран Заев.
Старите влади им оставија на новите купишта жар што треба да се растргне, за да не пламне бурето што не е веќе барут, но сѐ уште држи понекој неиспукан куршум. Особено тежок товар ѝ е оставен на новата македонска влада, која виси на конец, и покрај големиот оптимизам на СДСМ дека ќе издржи докрај. Отворените прашања со двете земји допрва ќе се разгоруваат, и покрај новите лицемерства манифестирани последниве денови. Зад новите прегратки и целивања се кријат нови проблеми. Да не заборавиме дека Исус е предаден од Јуда со бакнеж, оној што Бојко често го користеше при средбите со Заев.

Извор: Нова Македонија

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.