Во Македонија изминативе денови видовме запалени бугарски знамиња и слушнавме сексистички напади од водечки политичари кон сите бугарски жени, вклучителнои до министерката за надворешни работи на Бугарија – Екатерина Захариева…

Со овие зборови во емисијата „Бугарија утрово“, во воведот во разговорот на тема „Иднината на Македонија“, новинарката на „Bulgaria on Air“ побара анализа од заменикот министер за надворешни работи Георг Георгиев за тоа дали тензиите меѓу Скопје и Софија излегуваат од контрола и како понатаму ќе се одразат на односите меѓу двете земји.

„Тоа е прашање на домашно воспитување и светогледи. Тие луѓе кои го запалија бугарското знаме, веројатно тоа го прават примарно затоа што Бугарија во оваа етапа кажа ‘не’ на приклучувањето на Македонија кон ЕУ. Но, под претпоставка дека тие луѓе се лути затоа што Македонија не ги започна преговорите со ЕУ, зарем треба од тоа да извлечеме заклучок дека проевропски граѓани така одбираат да се изразуваат? Силно се сомневам во тоа“ – рече заменикот на Захариева, оценувајќи дека таквите постапки се карактеристични за некои други делови од светот и за едно друго време.

„Тоа однесување нема да биде толерирано“, порача тој.

Во однос на изјавата на премиерот Зоран Заев во интервју за „Франс прес“ – дека Блокадата од Бугарија е спротивна на европските вредности, Георгиев ја префрла топката преку границата – спротивно на европските вредности е непочитување на договор што сте го потпишале со друга земја, вели тој. Според него, она што е важно е дека Бугарија е членка на ЕУ од 2007 година и дека тој не се согласува било која држава во предпристапен процес да ѝ држи лекции. Според Георгиев, се работи за токму обратното – сѐ она што се случува сега е лекција низ која ќе мине Македонија.

Тој признава дека земјава направила големи и нималку лесни чекори на патот кон Унијата:

„Би било многу жално ако не го завршат тој нелесен пат кој самите го започнаа и за кој се надевам дека се свесни дека ќе биде тежок. Им претстојат многу важни етапи од пристапниот процес. Но ако не ги почитуваат партнерите и државите кои најсилно им подадоа рака, тогаш потешкотиите ќе се умножат“, рече заменикот министер за надворешни работи на Бугарија,изразувајќи надеж дека до следната дискусија за пристапувањето на Македонија кон унијата, барањата на Бугарија ќе бидат земени во предвид. Вратата, вели, не е затворена, а разговорите секогаш можат да продолжат.

Целиот текст на 365.мк

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.