Зоран Заев соочен со неуспехот поврзан македонските евроинтегративни процеси, најави предвремени парламентарни избори. Тој опцијата за времето кога би се одржале изборите ја најави како тема на утрешната лидерска средба. Според зборовите на Заев тој бара брзи избори, но што велат законите, кога би можеле тие да се оддржат?

Изборниот законик предвидува предвремени избори кои што би се организирале со скратени рокови, со тоа што се скусува периодот за кампања на партиите, но тоа не вклучува и колку долго би траела преодна влада. Но, Пржинскиот договор за преодна влада и потоа измените во Законот за Влада направено по него се јасни. 100 дена пред изборите премиерот се повлекува и се именуваат нови министри и дополнителни министри.

Овој договор и се што произлегува од него е дел од документите кои стојат на страницата на европската комисија, како потсетување за секој премиер и власт во Македонија кој што ќе се обиде да го изигра.

Законот за Влада е дециден сто дена пред одржувањето на избори за пратеници. Тие 100 дена преодна влада беа договорени на тешки средби и беа вметнати во законски измени, токму заради вакви причини, доколку некој иден премиер не се сети да прави предизборни малверзации. Затоа Пржинскиот договор е јасен и прецизен и какви се не мерки се предвидуваат токму за избегнување на малверзациите.

Договорот ги дефинира и точно ги врамува однесувањата на дополнителните министри, со јасно дефинирани можности за делување.

Концептот кој што власта се обидува да го наметне е дека целосно пржинска влада е возможна само за редовни изборни циклуси, но не и за предвремени, кога би важеле одредбите од Изборниот законик. Но, членот пет од пржинскиот договор точно посочува дека пржинската влада се формира 100 дена пред предвремени парламентарни избори. Членот шест пак нагласува дека овие правила ќе важат за сите избори по законските измени, кои се случија со Законот за Влада.


Оттука, на утрешната средба се очекува да се судрат двата концепти, концептот на Заев за брзи избори со скусени рокови до 60 или можеби 40 денови преодна влада повикувајќи се на Изборниот законик, или пак на децидниот Закон за Влада, каде точно се дефинирани и вградени одредбите од Пржинскиот договор, за 100 дена преодна влада со друг премиер, двајца министри и тројца дополнителни министри.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.