Во Казнениот законик е дозволена и не е казнива употребата на канабис за лична употреба, но политика на Владата е да се прави измена и да се допрецизира и тоа јасно да се направи во Казнениот законик за да нема ситуации како што имавме, појасни денеска на прес-конференција владиниот портпарол Душко Арсовски во врска со утврдениот текст на Предлог-законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции, кој, според него, е усогласен со повеќе меѓународни акти.

Една од новините е формирање Агенцијата за контрола на одгледувањето и екстракцијата на канабис и производство на канабис и препарати од канабис за медицински и научни цели, која работите од својата надлежност, ги врши врз основа на начелата на законитост, стручност, професионалност, одговорност, ефикасност и транспарентност.

На новинарско прашање зошто законот се носи со европско знаменце, Арсовски одговори во Предлог-законот се транспонирани повеќе рамковни одлуки и директиви на Европскиот парламент и на Европскиот совет за усогласување на оваа дејност со регулативата на ЕУ, како и со повеќе конвенции како што се Единствената конвенција за наркотични дроги на Обединетите нации од 1961 година со Протокол за дополнување од 1972; Конвенцијата за психотропни супстанции на Обединетите нации од 1971 година и Конвенција на Обединетите нации против недозволена трговија со опојни дроги и психотропни супстанции од 1988 година.

Според него, со предлог на законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции се овозможува извоз на сув цвет добиен со одгледување на канабисот за медицински цели, така што на правните лица одгледувачи на канабисот им е овозможено веќе произведените количини на сув хербален производ како опојна дрога да ги пласираат на пазарите во Европа и пошироко, притоа почитувајќи ги меѓународните конвенции и европското законодавство што ја регулира материјата.

Новина во Предлог-законот за опојни дроги е обврската на компаниите со лиценци за одгледување канабис во медицински цели да уплатуваат средства во висина од 10 отсто од нето-добивката остварена во тековната година на соодветна сметка во Буџетот на Република Македонија кои средства ќе бидат наменети за поддршка на фондот за ретки болести, поддршка на фондот за медиуми, на програмските приоритети во спортот, културата, граѓанскиот сектор како и за поддршка на работата на новопредвидената Агенција.

Се воведува нова давачка од дополнителни десет проценти од проходот од извезените количества – пари кои ќе одат во специјален фонд. Целта е граѓаните да видат јавно добро. Затоа ќе биде поддржан фондот за ретки болести, фондот за медиуми за продукција на содржини од јавен интерес, како и на програмските приоритети во спортот, културата и граѓанскиот сектор. Од специјалниот фонд ќе биде поддржана и работата на новопредвидената Агенција за контрола на одгледувањето и екстракцијата на канабис и производство на канабис и препарати од канабис за медицински и за научни цели, рече Арсовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.