Адвокатите му откажаа љубов на Груевски“ – ваквите наслови ги полнеа порталите и весниците пред околу една година, набрзо откако поранешниот премиер Никола Груевски, обвинет во повеќе предмети на СЈО, ја напушти Македонија и се засолна во Унгарија.

Денеска, една година подоцна, адвокатите на Груевски се повторно главна тема, но овојпат од друг агол. Истите провладини портали кои лани „фаќаа сеир“ како Груевски останува без правна помош во Македонија додека му се суди во отсуство, годинава го сметоа сеирот под килим, па интензивно пишуваат за адвокатот Албанец, кого Груевски намерно го ангажирал за да се одолговлечи предметот до недоглед.

Адвокатите Димитар Дангов, Стерјо Зиков и Боро Тасевски се откажаа да го застапуваат експремиерот Никола Груевски во предметот на СЈО „Насилство во Центар“, констатира судијата Душан Јосифов на рочиштето одржано 17 декември 2018 година. По службена должност како адвокат на Греувски за овој предмет тогаш беше назначен адвокатот Петар Димовски.

Адвокатот Никола Додевски не го застапува поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во случајот „Талир“ на СЈО од јуни 2017 година.

На 19 декември 2018 година адвокатите му го откажаа полномоштвото на Греувски и за предметот „Титаник“. И во овој предмет тој доби адвокат по службена должност.

Адвокатот Еленко Миланов, кој го застапуваше експремиерот Никола Груевски во предметот „ТНТ”, му го откажа полномошното исто така во декември 2018 година. Судијата Огнен Ставрев соопшти дека Груевски ќе го брани Мехмед Сефери, адвокат кој судот му го додели по службена должност.

Започнав со работа, но многу малку сум информиран за случајот. Побарав од судот да ми ги достави потребните материјали и веднаш ќе ги разгледам. Засега како документ ја имам одлуката на судот изборот да падне на мене и немам никаков контакт со Никола Груевски – изјави Сефери веднаш по назначувањето.

Во меѓувреме, во почетокот на месецов адвокатот Димитар Дангов, кој ја брани две години, една од обвинетите во истиот предмет, „ТНТ“, Елисавета Најдовска, ѝ го откажал полномоштвото, па таа го најмила адвокатот Мерџан Даути, Албанец, кој побарал увид во целиот предмет, но со преводот на албански јазик, согласно новиот Закон за употреба на јазиците. Оваа информација провладините портали тенденциозно ја пренесоа како Најдовска да му го откажала полномошното на Дангов и го ангажирала Даути за да го „брани Груевски“.

Токму адвокатот на Најдовска за истите провладини портали, кои објавувале за смената на адвокатите на Груевски е „адвокатот кој треба да го спаси Груевски“. Надвор од секој разум е да се пишува дека обвинет во случај во кој му се заканува повеќегодишна затворска казна ќе плаќа адвокат кој треба да му помогне на друг обвинет во случајот!.

Така, паѓа во вода тезата дека Груевски самиот ангажирал адвокат Албанец за да го одолговлечи судењето за „ТНТ“, со што предметот ќе застари.

Од друга страна, Законот за јазиците е креација на власта СДСМ-ДУИ, поддржана од истите владини и провладини мегафони, па оттука зачудува селективниот пристап во неговата имплементација. Иако Законот се уште е на разгледување, двојазични табли веќе се обесени на многу институции во источна Македонија и тој на големо се спроведува. Тогаш на истите портали не им пречеше неговата имплементација.

Забелешките на Венецијанската комисија за Законот за јазиците се однесува токму за ова за што денеска се пењават оние кои го поддржаа донесувањето на спорниот закон, а Владата бараше одложување на конечниот став.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.