Пратениците од Алијанса/Алтернатива го подготвиле текстот на законот за државјанств. Се очекува во понеделник албанската опозиција да го достави до координаторите на парламентарната група на мнозинството за да го разгледаат, објави „Тв21“.

Ељми Азири од коалицијата Алијанса/Алтернатива не открива многу детали за законот бидејќи е во фаза на усогласување.

Ние како коалиција ја завршивме нашата работа, ја завршивме конечната драфт верзија на предлог законот и ќе ја доставиме до парламентарната група на владиното мнозинство – вели Азири.

Сепак, премиерот Зоран Заев изјави дека законот треба да се достави до МВР за да го разгледаат експертите.

Азири вели дека на законот појдовното прашање му е во Собрание и од таа причина и ќе се достави таму, а потоа останатиот дел е обврска на парламентарното мнозинство.

Ние како пратеници го доставуваме во Собрание во работните групи со кои сме работеле. Потоа е нивна обврска да го процесираат. Вистина е дека МВР е матична институција која се занимава со процесирање на државјанствата и претпоставувам дека од тука произлегува изјавата на премиерот Заев – вели Азири.

Тој вели дека сега наместо тројца сведоци како што предложија, како доказ да бидат 15 документи од кои граѓанинот доволно е да поседува само еден и тој да важи како доказ да добие државјанство.

Тука спаѓаат извод од книга на родени, сметки за електрична енергија, за вода, свидетелства од основно училиште, значи 15 документи и доколку поседува еден од нив доволно е како доказ за да добие државјанство. Ова е во рамки на договорот што го имаме – додава Азири.

Откако страните ќе го разгледаат законот, се очекува да се одржи средба меѓу Села, Гаши и премиерот Заев, за да се запечати ова прашање.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.