Поротничката на која ѝ е истече мандатот на 24 декември 2019 година Лилјана Кочковска не се појави на денешното рочиште за случајот „ТНТ“. Кочковска со писмо дала втора неотповиклива оставка како поротник поради истек на мандатот, но и поради здравствени проблеми, соопшти судијата Огнен Ставрев, кој во целост го прочита нејзиното писмо.

Советот не е во полн состав и не може да одлучува и не може да заседава, така што судењето мора да почне од почеток, рече судијата Огнен Ставрев.

Тој побара од страните во процесот до утре да се изјаснат дали прифаќаат да не се изведуваат доказите туку само да се прочитаат и да не се повикуваат одново сведоците.

До одбраната. Ако е како што тврдевте, дека вашите барања изминатите два месеци биле за целисходноста на постапката имате шанса да ја потврдите намерата. Ако е интерес на правдата можете до утре на рочиште да ја потврдите намерата и да ја почнеме постапката одново но, да го поминеме само со читање на досегашните материјали без повторно сослушување сведоци, рече судијата Ставрев.

Во судница денеска не беа присутни обвинетите Тони Трајковски и Елизабета Најдовска.

На прашање од судијата Огнен Ставрев до адвокатите Јовица Страшевски и Мерџан Даути каде се нивните клиенти, тие рекоа дека немале уредна покана за денешното рочиште.

Случајот го води судијата Огнен Ставрев, а застапник на обвинението е Бурим Рустеми од ОЈО Куманово.

За делото обвинети се повеќе лица меѓу кои ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и тогашниот градоначалник на Општина Гази Баба Тони Трајковски, додека во отсуство му се суди на поранешниот премиер Никола Груевски.

Според изјавата на адвокатот Јовица Страшевски подобро е се да се изведува од почеток на повеќе судски рочишта. „Република“ неофицијално дознава дека адвокатите кои не ги застапуваат странките од почеткот на судење нема да прифатат, бидејќи не се запознаени со случајот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.