Собранието на Република Северна Македонија денеска треба да ја продолжи 114. седница на која се останати за разгледување уште неколку предлог-законски решенија.

На дневен ред во второ читање се ставени Дополнетиот предлог за измени и дополнувања на Законот за задолжително осигурување во сообраќајот, Дополнетиот предлог на закон за изменување на Законот за воздухопловство и Дополнетиот предлог на закон за Инспекторатот за употреба на јазиците.

По скратена постапка ќе бидат разгледани неколку законски решенија поднесени од пратеници од парламентарното мнозинство, а во прво читање на дневен ред се Предлогот на закон за класифицирани информации и Предлогот на закон за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизација на претпријатија со доминантна сопственост на државата.

Пред пратениците ќе биде и Посебниот извештај на Државната комисија за спречување на корупцијата за утврдените состојби во финансирањето на изборната кампања за претседателските избори и предвремените избори за градоначалник на Охрид, Ново Село и Дебар.

На дневен ред е и Предлог одлуката за основање на Анкетна комисија за утврдување на прекршувањето на законите и злоупитребите во работењето на СЈО, поднесена од група пратеници од опозицијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.