Бугарската шефица на дипломатијата, Екатерина Захариева, вели дека најголемиот проблем во односите со Македонија се недоволните гаранции за спроведување на Договорот за добрососедство.

Во интервју за германскиот јавен сервис АРД дадено на почетокот на декември, а објавено вчера, Захариева вели дека Софија нема да даде зелено светло за почеток на пристапните преговори се додека тие гаранции не станат дел од Преговарачката рамка. Дел од нив треба да биде и признавањето на „историската вистина“, како што вели Захариева и притоа алудира дека во државната политика на Македонија се уште владеат „тоталитарни методи“.

Бугарија сака да биде признаена историската вистина. Тоа не беше проблем за Македонија кога се потпишуваше Договорот. Тоа заедничко минато кое треба да не поврзува, а не да не разделува. Ние не велиме: „Овие херои се само наши. Ние велиме: Тоа се заеднички херои“. Тоа е модерно размислување на две земји, особено доколку сакаат да бидат заедно во ЕУ. Не може секојпат кога некој во Македонија јавно ќе каже дека некој од овие херои бил Бугарин, да биде јавно линчуван. 30 години по падот на тоталитарните режими, тоталитарните методи и пристапи не смеат да бидат државна политика – вели Захариева за АРД.

Втората забелешка која ја изнесува Захариева се однесува на историските учебници во Македонија.

Во учебниците во Македонија Бугарите се’ уште се претставени како фашисти. Како би се чувствувале Вие, кога 75 години по војната некој се уште би ве претставувал како фашист? – вели Захариева.

Понатаму во разговорот, бугарската министерка за надворешни работи ја образложува потребата од вметнување на бугарските барања во Преговарачката рамка, иако тоа беше одбиено од актуелниот претседавач со ЕУ, Германија.

Не сакаме да ја блокираме С Македонија. Но, доколку во Преговарачката рамка немаме никакви гаранции, невозможно е да се каже „да“. Сеедно дали од сегашното или идното претседателство на ЕУ, доколку нашите предлози бидат ставени за дискусија во Преговарачката рамка, Бугарија ќе биде во можност да каже „да“ – вели Захариева.

Според неа, со тоа нема да се направи преседан во ЕУ затоа што, како што истакнува, билатерални услови биле вметнати и во Преговарачката рамка на Хрватска.

Македонија очигледно не е подготвена, договорите за пријателство, добрососедство и соработка да бидат надгледувани и да станат дел од Преговарачката рамка. Кога некој во Македонија вели дека ќе се придружува до договорот со Бугарија, иако во моментов не го почитува, зошто е проблем, добрососедските односи – еден хоризонтален мастришки критериум – да се вметнат во Преговарачката рамка? Постојат такви текстови во Преговарачката рамка на Хрватска. Тоа не е преседан –  вели Захариева во интервјуто за АРД.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.