Дали планирате да ги исполните ветувањата за линеарно покачување, односно еднакво покачување на платите од здравството?

Премиерот Зоран Заев е среќен што владата успеала да смогне сили да изнајде средства, „покрај ланското покачување од септември на 5 проценти на платите во здравството, оваа година да ја почнеме со нови 10 проценти за покачување на платите на специјалистите и пет проценти на медицинските сестри, болничарите и другиот персонал“.

Следува и од септември 2019 година уште по пет проценти, со тоа ќе стигнеме просек од 90.000 денари вкупен приход на специјалистите. Тоа е нето плата плус дежурствата кои што ги остваруваат. Иако имаме случаи, каде што, заедно со дежурствата имаме специјалисти од терцијалното здравство во Клиничкиот центар, што зимаат 140-150.000 денари приходи. Тоа се 2.500 евра плата, ако ги споредиме со платите во Германија, можеме да кажеме дека сме направиле одреден сериозен исчекор. Исто така, заради тоа што нема доволен број на лекари во внатрешноста во општите болници, таму специјалистите имаат, за жал, позачестени дежурства, па така платите и таму заедно со дежурствата стигнуваат некаде до 110-120 илјади денари и верувам дека нивото на достоинствено живеење и работење го подигнуваме во делот на здравството, рече денеска премиерот одговарајќи на новинарски прашања.

Сепак, Заев смета дека ова покачување не е доволно, но треба да се има предвид дека треба да се обезбедат 360 милиони денари за културата.

И полицијата и Армијата бараат и другите институции. Како расте и се развива, Македонија, расте бруто-домашниот производ (БДП), парите ќе ги распределиме и за плати и за капитални инвестиции насекаде во државата. Треба да знаеме дека и толку се можностите на Република Македонија. Но, да се надевам дека економијата ќе расте и ќе се развива. Трендовите се одлични, Буџетот е стабилен, финансиската ликвидност е огромна, ако продолжиме во тој тренд да се развиваме, верувам дека и квалитетот на животот, а вклучително и платите на здравствените работници, но и на другиот дел од администрацијата во иднина ќе расте.

Во врска со протестот на здравствените работници кои бараат да се сретнат со него, Заев вели дека е подготвен за средба со лекарите од Клинички.

На 24 или 25 ќе одржам состанок со министерот за здравство и синдикатите од делот на здравството, за да ги разгледаме сите нивни прашања, за кои што мислат дека треба да разговараме, во рамките на можностите секогаш да наоѓаме решенија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.