Нема да дозволам нарушување на дигнитетот на институциите на системот, без разлика дали некој поединец го нарушил угледот на одредена институција и од тука да се извлекуваат еднакви заклучоци за целта, капацитетите и сите обвинители, истакна претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, во одговор на пратеничко прашање во Собранието.

– Специјалното јавно обвинителство е орган создаден со консензуално гласање на Парламентот. СЈО ако институција е целосна служба и капацитет на оваа држава. Сето тоа што е јавно објавено како податоци за работењето на СЈО, е објавено од оваа Влада, транспарентно, до крај, и тоа е убавината и вредностите што оваа нова власт ги донесе, рече премиерот Заев додавајќи дека постојат органи кои ќе потврдат дали некој работи законски, а кој незаконски.

Тој повтори дека не може да поминат обвинувањата и тезите дека не постоеле случаите за злоупотреба на парламентарните избори што ги отвори и што ги води СЈО, дополнително набројувајќи дека се очигледни индициите на незаконско рушење на „Космос“, за недоследностите при градењето на делницата од кинеските градители, за закани од позиција на моќ, за злоупотреба на службени овластувања.

– Таму каде што нема докази, секој е слободен граѓанин. Но, поради тоа што оваа Влада одлучила да ги објави сите податоци на финансиски трансакции од 2010 година до сега да извлекувате заклучоци и да го деградирате СЈО, како систем основан од сите во државата, заради тоа што не функционирало државното обвинителство, тоа не смееме да го дозволиме, порача премиерот Заев.

Нагласи дека поединечна одговорност треба да постои и дека низ судска постапка, таму каде што ќе се утврдат незаконски постапувања, треба да се одговара.

Тој подвлече дека Парламентот има поголема надлежност во однос на правосудните реформи, ги носи законите во областа на правосудството, а судиите и обвинителите се тие коио носат одлуки во судски постапки.

– Треба да биде јасно и гласно, овој период нема ни три отсто нови судии од вкупниот број на судии. Нема ни три отсто нови обвинители од вкупниот број на обвинители во државата. Неколку поединци ја рушат правната држава и правосудниот систем. Во моментот Антикорупциска комисија проверува имот, пари, на семејства и на сите министри во Владата и на премиерот, и тоа е добро. Но, треба да ги провери и имотите на сите судии и обвинители, на адвокатите поврзани со нив, оцени премиерот и подвлече дека политичарите се должни да ги обезбедат условите за обезбедување на вистинските реформи на правосудството. Од моментот од кога сум премиер стотици предмети се вратени од тоа другото време. Немојте под превезот на македонштината да зборувате за заштита на криминалот и неодговорноста. Македонштината се штити со одговорност, кој сака нека е. Ќе бидеме поголеми Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи – граѓани, составен дел на македонскиот народ во Република Северна Македонија ако навистина помогнеме правната држава да испорача правда, со докази јасно потврдени и одговорност, истакна Заев.

Порача дека тој како премиер нема да дозволи никој поединец да го штити криминалот и дека надлежните органи треба да истражат и да одлучат каде има неправилности во однос на финансиите кои биле распределени во СЈО.

– Исплаќања од 1000 евра,  од 1.500 евра не смее да биде некоја не знам каква драма. Премиерот зема 84.000 денари плата,  пратениците земаат 100.000 денари заедно со трошоците, кога ќе пресметате тоа се 18.000 евра годишно. За четири годни се 75.000 евра и од тука ќе извлекувате драма. Таму се вработени стручни служби. Таму се 10 специјални јавни обвинители кои ги ставиле главите под ризик. До ден денес нема пресуди затоа што заробеното сваровски судство е останато какво што е со огромни исклучоци на чесни судии. Истото тоа се случува и во ЈО.И од тука да влечете заклучоци дека злоупотребите во изборите не постоеја, тоа е монтирано,креирано, лепено, појаснуваше од говорницата Заев.

Уште еднаш повтори дека законски треба да се утврди со докази каде има вина и да се одговара. Таму каде нема докази, истакна премиерот Заев, секој е слободен граѓани.

– Поединечна одговорност треба да се има секаде ако неетички, незаконски или било како се утврди во судска постапка дека еден поединец не постапил не можете да ставите еднаквост врз 10 обвинители, за сите истражители, стручните соработници и стручната административна служба, рече претседателот на Владата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.