Премиерот Зоран Заев изјави дека додека Европа се мислела кога да го испорача тоа што ни го ветила, ние не можеме да чекаме, мора да работиме, мора да го унапредиме животот.

Како што вели Заев, ние мораме секој атом енергија, секој потенцијал на оваа наша земја да го искористиме, а тоа се мултиплицира навистина со унапредувањето на соработката со сите.

Мене ми е драго што Србија и Албанија се фокусирани исто како нас, ние сме централно поставени помеѓу овие две земји, сме отворени кон Косово и кон БиХ, Црна Гора, Грција, Бугарија. Зошто ако може да не чекаме на границите, да не го направиме тоа. Зошто ако може да ги третираме капацитетите за борба против пожарите летно време, земјотресите, поплавите и било какви други катастрофи да не го направиме тоа. Зошто ако можеме да бираме во регионот каде ќе работиме или кој ќе ни дојде да работи, се со цел да обезбедиме квалификувана работна сила, тоа да не го направиме. Зошто да не ни раснат платите, стандардот и слично. На крајот сите го посакуваме процесот низ поглавјата или кластерите за европеизацијата на нашата земја, но сето тоа што можеме да го направиме сами треба да го правиме сами додека Европа навистина не одлучи да продолжи со процесот на евроинтеграции – изјави Заев на новинарско прашање за очекувањата од иницијативата „Отворен Балкан“ и евроинтеграцијата на земјата.

Тој изрази задоволтво што фокусот на земјите од Западен Балкан е на европеизацијата и не само на политичарите туку и институциите, а Гевгелија, како што истакна, е местото од каде ќе поминуваат големите гасоводни коридори што ќе придонесе за развој на градот.

Сега имаме неповторлива можност политичарите не само да се пријатели туку и другари, порано не зборуваа меѓусебе. Имаше кавги, непријателства, тешко можеше да ги видите, а ние сме тука да им служиме на граѓаните. Покрај тоа Америка се врати во својот фокус, што е здраво. Токму од овде, низ Гевгелија ќе поминат големите коридори на гасоводниот нов систем, течниот гас, на гасот од Катар, Америка, Израел од Азербејџан преку ТАФ итн. коишто како нови енергетски проекти навистина ќе го менуваат комлетно животот. Нашите инвестиции одат низ Грција. Договоривме и тоа скоро ќе биде објавено пуштањето на нафтоводот којшто оди токму преку овој наш крај, но она што е многу важно севкупниот економски раст и развој на Гевгелија на овој југоисточен дел на нашата земја оди напред, напредува, но наша задача на сите е тој напредок да го мултиплицираме, да биде уште поголем, уште повидлив и позначаен за да секако да ги задржиме тука младите и тука да го планираат животот – вели Заев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.