Жалам ако од некого сум бил погрешно разбран или протолкуван, но останувам на моите определби за кои претходно зборував, како и на вербата во вредностите за кои отсекогаш сум се борел. Нема да дозволиме на непријателите на нашата земја да им успее планот преку користење на криминалци, манипулатори и измамници да го спречат успехот на земјава, членството НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ.

Ова во краткото интервју за МИА го истакнува премиерот Зоран Заев во врска со реакциите што ги предизвика неговата синоќешна изјава во Клубот на пратениците.

На прашањето дали премиерот отворил фронт со сите „криминалци, педери, суетни и идиоти“ и дали овие претешки формулации не се дискриминација и закана кога доаѓаат од премиер, Заев одговори дека и тој и Владата, цврсто стојат во одбрана на слободата на изразувањето, слободата на медиумите и во одбрана на човековите права на сите индивидуи во нашата земја.

За мене и за Владата сите луѓе се еднакви. Не правиме разлики врз основа на верска, етничка, социјална, политичка, сексуална или каква било друга основа. Заедно со сите граѓани посветено го градиме и ќе продолжиме да го градиме концептот на едно, заедничко и фер општество за сите. Владата цврсто стои на својата определба за недискриминација и за почитување на различностите на сите заедници во земјата, вклучително и ЛГБТИ заедницата. Во Северна Македонија нема веќе напади врз ЛГБТ лица, се одржа слободна и безбедна парада, а сексуалната определба е вклучена во измените на новиот Закон за антидискриминација, за кој опозицијата гласаше против.

 

Во однос на случајот „Рекет”, сметам дека секој граѓанин, без разлика дали е политичар или новинар, има обврска кон правната држава и кон јавниот интерес сите индиции и информации за злоупотреби да ги пријави во истражните органи, како што тоа јас прв го направив. Примарна цел во расветлувањето на случајот „Рекет” мора да биде јавниот, а не личниот интерес. Како што јавно, без предрасуди верувам и се залагам за праведно општество, исто така го почитувам и сопственото право со термини и речник што го користи секој наш граѓанин да посочам на поединци или појави што се негативни во општеството.

 

Зборувам за карактери на луѓе и нивно однесување. И како што од дно на душата ги почитувам и промовирам суштинските вредности на новинарската професија, а тоа се целосната слобода на говор, изразување и критика, така имам полно право да дадам и карактеристика дали некој суетно или со други намери креира впечаток во јавноста.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.