Нема алтернатива за членство во ЕУ и Владата и парламентарното мнозинство остануваат на овие вредности, порача премиерот Зоран Заев на денешната седница за пратенички прашања во Парламентот и изрази надеж дека и опозицијата ги застапува овие вредности.

Нашата земја никој пат повеќе не била афирмирана на патот на членството во ЕУ колку што е во последните две – три години. Нашата земја е пример за соживот и контра аргумент на сите негативни тези за етнички територии, етнички граници, за какви било поделби и на Балканот, а и пошироко на европскиот континент. Нашата земја е пример дека низ дијалог и дипломатија може да се решаваат најтешките прашања, коишто можеле да бидат решени многу од поодамна, ако навистина сите сме се залагале за членство во ЕУ и НАТО, рече премиерот Заев.

Тој потсети дека државата доби одлука за почеток на преговорите во март 2020 година и таа одлука ја донесоа 27 земји членки на ЕУ, дека во официјалниот извештај на ЕУ стои дека нашата земја направила повеќе од тоа што е барано и се стопроцентно потврдени процесите коишто беа обврска за добивањето датум, но дека денес само една земја членка, Бугарија, не дава согласност да се закаже првата меѓувладина конференција со ЕУ.

Премиерот Заев ја повика опозицијата на одговорно однесување за евроинтеграцискиот процес.

Ако сме за ЕУ, тогаш работиме за ЕУ и ако целиот свет вели дека сме исполниле сѐ и дека сме пример и за европски вредности, европски манири, европски односи, за сѐ, а само Бугарија е причината за следните наши чекори за интеграцијата во ЕУ, ама посочувате прст кон оваа Влада, тоа е недозволиво и лицемерие, оцени премиерот Заев.

Тој ја објасни иницијативата „Отворен Балкан“ и укажа на промената во соработката на политичарите во регионот денес, во однос на минатото, а во полза на потребите на граѓаните.

Додека чекаме ЕУ да се одлучи, нема дилеми дека треба да работиме, да градиме пријателство, да ги отвораме сите административни пречки и бариери, со конечна цел да донесеме поголема благосостојба на нашиот народ, на нашата економија, трговијата, извозот, затоа што тоа носи поголем БДП, поголем економски стандард, повеќе работни места. На времето имаше кавги меѓу политичарите. Не така долго, пред четири години бевме скарани и со Србија и со Албанија и со Косово и со Бугарија и со Грција, со сите до еден – и што добивме од тоа?! Да заминат граѓаните надвор од државата, разочараност, апатија во општеството. Денеска имаме соработка во регионот, денеска лидерите седат заедно, зборуваат во исти дух за придобивките на својот народ. Има разлика од небото до земјата за политиките денес и пред пет години и затоа ред е да се приклучите на тоа што е добро, на тоа што носи придобивки на нашиот народ. „Отворен Балкан“ е добро за државата, интеграцијата во ЕУ е добро за државата, треба да го поддржите и практично, ја повика премиерот Заев опозицијата, на седницата за пратенички прашања во Парламентот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.