Ние политичарите треба да знаеме што правиме со историјата што ја пишуваме денеска за да им оставиме на идните генерации аманет на пријателство и заедништво, а не делби. Ова го истакна премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање за последниот развој на настаните во врска со блокирањето на процесот на проширување на ЕУ.

Наша задача е да одиме напред. Да чекориме напред и јас верувам дека најбргу што може ќе се создадат услови. Ние не се откажуваме – рече Заев додавајќи дека на проблемот со блокадата ќе се работи интензивно по празниците.

Во однос на реакциите на Словачка и Чешка, Заев рече дека му е драго што сѐ уште има европско во Европската Унија. Најмалку што смее да направи ЕУ, вели Заев, е да ги изгуби европските вредности и принципи.

Се надевам дека тој дух ЕУ ќе продолжи да го испраќа кон нас земјите кандидати за членство затоа што ние немаме друга алтернатива. Како што сум кажал и порано, се надевам дека ЕУ нема да го изгасне светлото во мракот за да не бидеме изгубени. Таа водилка е нашата мотивација и за реформите и за да бидеме подобри граѓани, за да си ја европеизираме државата, да го средиме правосудниот систем, да имаме сила и енергија да градиме за нашите деца, за идните генерации, да го осовремениме здравството, да ја подобриме уште повеќе инфраструктурата – додаде Заев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.