За деталите од размената на идеи меѓу работните групи и  министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија, за нонпејперот, нашето последно размислување кон соседната земја, но и нивната реакција која следеше како одоговор на нашиот Акциски план веројатно ќе бидат информирани пратениците во собраниската Комисија за надворешна политика.

Ова денеска го изјави премиерот Зоран Заев, по рочиштето за судскиот спор меѓу него Зоран Божиновски, кого премиерот го тужи за клевета, кој додаде дека за содржината на информацијата треба да се прашаат ресорните министри.

Заев напомена дека во координација со претседателот на собраниската Комисија за надворешна политика ќе се договори точен термин за одржување на седницата на која пратениците од таа Комисија ќе бидат информирани за тековните случувања со Бугарија, при што ќе се земе предвид тие да немаат други работни обврски во Парламентот.

-Процесот на официјални преговори заврши, јас  верувам дека следува процес на реализација на Акцискиот план, а  веднаш по изборите во Бугарија да влеземе во разговорите и преговорите на политички основи, затоа што секогаш пред избори навистина е нерационално и невнимателно да се преговара за политички теми. Но можеме да работиме на Акциониот план, инфрастурктурата, споротот, образованието, информатичкото општество, туризмот и други обрвски, кои се на двете страни со цел да го јакнеме пријателтвото меѓу Република Македонија и Република Бугарија, нагласи Заев.

Претседателот на државата Стево Пендаровски во интервју за МИА откри дека најверојатно оваа недела нашиот Акциски план и бугарскиот одговор на него ќе се најдат пред собраниската комисија за европски прашања или за надворешна политика.

Акцискиот план, кој ние и го понудивме на Бугарија и на кој тие сега одговараат, нема апсолутно никаков момент од идентитетски белези – јазикот и нација, туку само предлагаме сет мерки што би требало да ја „олабават“ атмосферата во наредниве месеци, нагласи Пендаровски во интервју за МИА.

Според него, одговорот на Софија на нашиот предлог Акциски план не излегува надвор од параметрите на старите бугарски одговори.

– Не можам да видам нешто суштински различно во нивните позиции… Меѓутоа, одговорот што го видов од бугарска страна на нашиот Акциски план практично не одговара на еден дел од нашите барања. Има и за тоа, меѓутоа, повторно во тоа вметнувате што вие мислите за идентитетските белези на македонската нација. Ние тоа не го бараме. Не го спомнуваме во Акцискиот план, бидејќи тоа е надвор од какви било преговори. Ви реков, можеме секоја друга област да ја зборуваме, не смееме и нема да зборуваме сигурно за тоа кои сме, што сме, додава шефот на државата

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.