На 27 април 2017 година, кога бевме под налет на национализмот, два и пол часа чекавме да падне живот, но заеднички се боревме да се одбраниме, изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев на трибина во Гостивар.

– Тие беа со крв во очите и се удираа во градите кој е поголем Македонец, кој Албанец, а сето тоа беше за власт, пари и моќ. 30 години никој не носеше одлуки, но ние имавме храброст и носевме одлуки. Не само за договорите со Грција и Бугарија, туку и за Законот за употреба на јазиците, за зголемување на социјалната помош, за поголеми пензии, за поголема минимална плата, за 12 000 стечајци, за повисока просечна плата, за воведената државна социјална пензија, рече Заев, од предизборната трибина во Гостивар, на која беа промовирани носителите во шестата изборна единица.

Воедно тој додаде дека како власт покажале дека водат грижа за сите, најмногу за сиромашните.

Тој ги повика граѓаните да гласаат за европската и демократската опција на 15 јули.

– Покажавме дека сите политичари не се исти, не калкулиравме со личниот и партискиот рејтинг. Кога се исправивме пред вистината, знаевме зошто 30 години не се носеле одлуки, се плашеле за политичката кариера. Ама ние не се плашиме, зарем има поважно нешто од нашите деца и нашите внуци. Носевме одлуки и ги затворивме комплетно сите важни прашања, истакна Заев на трибината

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.