Премиерот Зоран Заев попладне во 16 часот во неговиот кабинет ќе има средба со лидерот на БЕСА Билал Касами во рамки на консултациите со политичките партии за обезбедување двотретинско мнозинство за уставните измени, потврдија за МИА од владината прес-служба.

Заев вчера изјави дека ќе стори се да обезбеди двотретинско мнозинство за поддршка на уставните амандмани, на пленарната седница. Тој е оптимист дека процесот ќе заврши успешно, и порано од предвидениот датум за гласање на амандманите предвидено за 15 јануари, бидејќи опозициската ВМРО-ДПМНЕ одлучи да не учествува во расправата, но и дека поддршката со број на пратеници ќе се знае на чинот на гласањето.

Ќе сторам се до последен момент за да обезбедиме двотретинско мнозинство и тоа ќе го соопштиме на јавноста во моментот на гласањето, или ќе споделиме задоволство од тоа што е постигнато или ќе ја понесеме одговорноста на целиот фокус што го дадовме на интеграциите, дополни Заев.

Најави дека наредните денови покрај со Касами ќе има средба и со Зијадин Села од Алијансата на Албанците. Од двајцата како недвојбени поддржувачи на интеграциските процеси на Македонија, рече, очекува сериозност и одговорност.

Третата и последна фаза од имплементацијата на Преспанскиот договор започнува следната недела на 9 јануари кога е закажана собраниската седница за усвојување на уставните измени. Текстот на амандманите на Уставот на предлог на Владата за да поминат треба да бидат поддржани од најмалку две третини од пратениците во законодавниот дом.вг/са/

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.