Премиерот Зоран Заев во текот на оваа недела ќе ја посети Софија. Ова било договорено на вчерашната средба со бугарскиот претседател Румен Радев на маргините на Самитот на НАТО во Брисел, на која во фокусот била перспективата за постигнување на реален исчекор во процесот на европската интеграција на земјава.

Посетата на Заев на Софија ќе се случи на една недела пред состанокот на Советот на ЕУ на 24 и 25 јуни, кога би требало да очекуваме одлука дали и кога ќе се одржи меѓувладината конференција Македонија – ЕУ и земјата да ги почне преговорите со Унијата.

На вчерашната средба во Брисел бугарскиот претседател Радев, според соопштението од владината прес-служба, ја подвлекол принципиелната и континуирана поддршка на Софија за иднината на Република Македонија во ЕУ, како и очекувањето на Бугарија за непосреден и активен политички дијалог низ кои ќе бидат разрешени отворените прашања во меѓусебните односи.

– И Румен Радев и Зоран Заев го истакнаа позитивниот знак во односите меѓу двете земји, што шефовите на државите на Република Бугарија и на Република Македонија го постигнаа со нивната заедничка посета во мај на Рим и Ватикан, за да им оддадат почит на светите браќа Кирил и Методиј, се посочува во соопштението од владината прес-служба.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.