Нема ништо сомнително што братот на премиерот, контроверзниот бизнисмен Вице Заев и министерот за здравство Венко Филипче зачестено се сретнуваат. Барем така тврди Зоран Заев.

На социјалните мрежи имаше разни шпекулации кога беше споделена фотографијата од Заев и Филипче во дојранска кафана, меѓу кои и тоа дека ваквото „пријателство“ се родило поради бизнисите со канабис.

За време на 120. собраниска седница, на која се расправа за новиот заменик-министер за здравство, Влатко Ѓорчев потенцираше дека е сомнително и чудно што Вице Заев и Венко Филипче имаат неофицијални средби, често можат да се видат по заеднички ручеци и вечери.

Господине Заев, зошто толку го штитите најнепопуларниот и најскандалозниот министер во оваа влада Венко Филипче, второ за што дискутираат Венко Филипче и Вице Заев кога се сретнуваат и кога се гледаат?, праша Ѓорчев.

На ова премиерот рече дека тука нема ништо чудно.

Тие се гледаат за како да помагаат на луѓе, за хуманитарни здравствени потреби, нема ништо чудно тука. Разговара со мојот брат тоа што разговара секој ден со граѓаните, помагајќи за побрза интервенција, да може некој побрзо да биде прифатен, да може побрзо да биде достапна услугата, да може да се вградат плус повеќе можности за лицата со посебни потреби, да се најде начин за овие ортопетските помагала…Што може да за друго да разговара? Може да разговараат и за ајварот „Мамас“, за што друго, немаат допирни точки, брат ми не е лекар, му реплицираше премиерот на пратеникот.

Потоа Ѓорчев се осврна и на податоците од анкетите на граѓаните, каде резултатите од работата на Заев се во голема мера негативни и покажуваат огромно незадоволство кај граѓаните.

Одиме по ред, г. Заев вие како претседател на СДСМ, ги имате анкетите и податоците, дека Венко Филипче е страшен тег на Владата, дека има огромно незадоволство од него, дека има револт, дека има скандали и дека не ја бива работата, потенцираше Ѓорчев.

На крајот, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ го спомена и Клиничкиот центар и уделот кој што Венко Филипче го има во тој процес преку вртоглавата сума на чинење за изградба на истиот.

Зошто е Венко Филипче најзаштитениот министер во владата на СДСМ? Дали е тоа затоа што тој се нафати да потпише Клинички центар од 500 милиони евра кој што со сите можни анекси, договори и додатоци, ќе дојде до 700 милиони евра? Зошто толку го штитите најлошиот министер во вашата влада, Венко Филипче?, заврши Влатко Ѓорчев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.