Ќе направиме брза интервенција за севисирање на авионите Канадери бидејќи без сервис не можат да полетаат, изјави премиерот Зоран Заев, кој беше во Кочани откако околината, а потоа и делови од градот беа зафатени од пожар.

Канадерите се приземјени, Владата ќе се обиде да донесе одлука за брза набавка од Хрватска за сервисирање и тоа уште утре ќе го направи за да се избегнат сите тие бавни постапки по јавните набавки. Но, двата хеликоптери утре ќе дејствуваат – изјави Заев.

Тој изјави дека треба да се има предвид дека во земјава се гаснеле 13 поголеми пожари. Во текот на ноќта ќе се правеле проценки за тоа каде ќе гаснат хеликоптерите од утре наутро.

Заев разговарал со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и со бугарскиот премиер, Стефан Јанев, и рече дека за утре очекува поддршка и од Бугарија и од Србија,

Прашан дали во блиска иднина се планира модернизација на противпожарната служба, Заев изјави дека се работи за системски предизвици, а службите низ годините се модернизирани, но треба тоа да се прави со засилено темпо.

Противпожарните сили во државата се престроени онака како што треба со тоа што треба во иднина да го зголемиме нивниот капацитет со колку што е можно повеќе нови возила. Општините не можат тоа самите да го направат, треба државата да влезе во кредитна линија или да обезбеди соодветни буџетски средства за да ги зголеми тие ресурси – изјави Заев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.