Претседателот Зоран Заев во вечерашниот ТВ дуел на Канал 5 телевизија истакна дека СДСМ на претстојните локални избори е убедлив фаворит, победник, затоа што ја има најдобрата понуда, составена од најдобри кандидати за градоначалници и советници.

Ние ќе победиме во вкупен број на освоени градоначалници, вкупен број на советници, вкупен број на гласови и ќе победиме во Град Скопје. Нашите аргументации се досега реализираните проекти и нашата визија за иднината, порача Заев додавајќи дека анкетите го покажуваат она што ќе се случи и на изборите, а тоа е победа на СДСМ и Коалицијата.

Настапуваме со најбројна коалиција од 22 политички партии, тоа е коалиција за иднината, затоа што овие избори ќе го покажат патот кон подобра иднина, за општините и за државата, заклучи Заев, a Мицкоски прецизира дека сепак не се 22 партии, бидејќи коалицијата на СДСМ се распаѓа.

Она што е чувството на терен и вистинските бројки е дека победата на опозицијата на овие локални избори не е доведена во прашање. Тоа е крајот на оваа влада предводена од СДСМ и ДУИ. Јас сум убеден не само затоа што граѓаните тоа ќе го кажат, туку затоа што едноставно не сме сите исти, дека сме различни, дека тоа што ние го нудиме е еден нов квалитет, луѓе кои за прв пат ќе ја бараат довербата од граѓаните. Не сме сите исти, ние водиме на анкетите, но најважно е да создадеме иднина за народот, рече, пак, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на дебатата со Зоран Заев во емисијата Само вистина што се емитува на телевизија Канал 5.

Јас сум убеден дека тоа граѓаните ќе го препознаат, бидејќи сосема спротивно на тоа е она што го нуди СДСМ. Практично повторувачи, луѓе кои ја имаат изневерено довербата на граѓаните и ќе претрпат пораз, рече Мицкоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.