Претседателот на СевернаМакедонија Стево Пендаровски ги повика сите лидери на парламентарните партии да дискутираат за настанатата ситуација по одлуката на Европскиот совет да не додели датум за пристапни преговори за Северна Македонија. Средбата кај шефот на државата можеби е најзначајната средба на македонските лидери од постоењето на државата, од самостојноста, имајќи предвид дека ваквиот чекор најавува новост во македонската политичка свест и совест. Сите лидери се одѕваа на повикот без иницијатива на меѓународниот фактор. Што влијаеше на таквата одлука и на прифаќањето на предлогот на премиерот за брзи и вонредни избори?

Мицкоски: На Македонија ѝ е неопходна обнова. Патот по кој што ја водеше премиерот во заминување Зоран Заев во овие три години, не води никаде или поточно води во амбис. Тоа им е јасно на сите. Јасно им е и на граѓаните, јасно им е и на лидерите на политичките партии, а јасно им е и на нашите партнери од меѓународната заедница. Сакам да верувам во конструктивноста на Зоран Заев и дека прв пат ги става националните пред сопствените интереси, но заради неговото досегашно однесување имам сомнеж. Ние баравме предвремени избори многу порано. Токму Заев отфрлаше каква било можност и изјавуваше дека без разлика на исходот од Брисел, изборите ќе бидат во редовен термин, почнувајќи од октомври. Повеќе би рекол дека сега е соочен со поразот на неговите катастрофални политики. Сепак, мотивите на Заев да се премисли се помалку важни од иднината на Македонија. Најважно во моментов е да имаме чисти, фер и демократски избори на кои граѓаните ќе избираат меѓу наспособната, корумпирана и криминална власт и меѓу вредностите, честитоста и отчетноста кои што ги нуди ВМРО ДПМНЕ. Најважно е да се обединиме околу тоа дека сакаме држава во која што ќе владее правото и законите кои ќе важат подеднакво за сите. Нема привилегирана каста политичари. Без разлика од која партија доаѓате или сте политички неопределен, доколку сте ги прекршиле законите и сте се осрамотиле пред граѓаните мора да понесете одговорност.  Држава во која младите нема да се иселуваат, а бизнис амбиентот ќе биде стимулативен за сите, не само за партнерите на Заеви. Македонија економски тигар на Балканот. Јас сум убеден дека доколку Заев многу порано ја прифатеше нашата понуда за предвремени избори, Македонија многу порано ќе излезеше од ќорсокакот во кој што ја втурна. Многу порано ќе прекинеа криминалните тендери и многу порано ќе имаше одговорност за сите што го ограбуваа народот и државата. Ќе се реализираа неопходните реформи и ќе се засилеше дипломатската активност со што верувам дека и шансите за добивање на датум ќе беа поголеми. Загубеното тешко дека ќе го вратиме, но на 12 април имаме можност да направиме исчекор и одлучно да ја ставиме Македонија на европскиот пат.

Зошто мислите дека оваа власт е виновна и дека доживеала фијаско во Брисел, имајќи предвид дека 27 земји дадоа зелено светло, а само една се спротивстави на проширувањето? Зарем оваа одлука не упатува на постоење проблем во внатрешните односи во ЕУ? Дури и да постигнеше Северна Македонија најидеални односи и до перфекција да ги спроведеше сите реформи, се стекнува впечаток дека Макрон ниту тогаш немаше да ги  застапува надрационалните интереси на ЕУ. Каков е вашиот став?

МицкоскиНе е само мој став туку фактичка состојба дека Зоран Заев не испорача ниту “р” од реформите.  Составија некаков план 3-6-9 па го проширија и на 18. Реализацијата на реформите во тие 18 месеци не се мери во проценти, туку во делови од проценти. Тоа и не треба да ни го каже некој друг. Го гледаме и чувствуваме секој ден. Не може да се води како судска реформа ослободителна пресуда за Зоран Заев за предмет во кој што сите го видоа како бара поткуп. Не е реформа ако ГРЕКО ви го испорача најнегативниот извештај, а вие продолжите да ја партизирате полицијата без никакви критериуми и ги политизирате службите. Не е реформа ако си распишувате тендери во здравството и влијаете врз постапките, а при тоа сте го укинале телото за контрола на јавните набавки, додека органите на прогон замижуваат пред очигледниот криминал. Не е реформски да ги убедувате нашите сојузници во Брисел, а пред да отпатувате на шверцерски начин во собранието да доставувате закон за опојни дроги со европско знаменце, по скратена постапка, без јавна дебата, каде на компаниите од неговото семејство и блиски до нив им се овозможуваат повластени ингеренции во бизнисот со марихуана каков што нема никаде во ЕУ. Најлесно во моментов е вината да се бара надвор, а да не се гледа во сопствениот двор. Тоа е неодговорна политика. Сум се залагал и ќе се залагам одговорноста да се бара првин внатре. Дома фактите се јасни. Заев фрли се на една карта. Овозможуваше да се стакнат права, а истовремено се коцкаше со националните интереси. Дури и лажеше дека имал гаранции. Реформите не го имтересираа ни тогаш, ни сега. Таа политика видовме како беше поразена. За жал Македонија и сите ние ја плаќаме цената. Крајот ќе биде трагичен доколку прифатиме дека вината е само во Франција и продожи државата да тапка во место. Така ќе продолжи да се зголемува само профитот на фирмите на Заеви кои имаат обрт од 60-тина милиони евра годишно, а ние ќе продолжиме да го обвинуваме Макрон.

Дали ќе ја проширите коалицијата со некои партии од коалицијата на СДСМ, како што рековте дека преговарате со некои партии. Што ќе понудите во новата програма или мислите дека со оваа нова програма ќе освоите околу половина милион гласови?

Мицкоски: Сите се свесни дека ВМРО-ДПМНЕ победува. Ги гледаат анкетите и го чувствуваат пулсот на народот. Знаат дека ова е крај на најсрамните три години од историјата на независна Маледонија. Затоа добар дел од коалициските партнери на Заев ни испраќаат сигнали. Нормално и очекувано е како што наближува април, така да зачестуваат обидите за приклонување кон победникот. Сепак ние носиме нова енергија која се базира на честитост и принципиелност. Борбата за власт заради власт мора да биде дел од минатото. Ние сега вреднуваме капацитет, визија и знаење. Секој што ќе може да придонесе во нашата борба за обнова на Македонија е добредојден. Нашата најголема коалиција се граѓаните на Македонија. Во новата програма ќе понудиме работа, проекти и рокови кои ќе ја ослободат Македонија од ова беззаконие и ќе ја вратат на брза лента на патот на реформите и приближувањето кон ЕУ стандардите. Ќе понудиме решенија во економијата, образованието, здравството, земјоделието и сите други области кои ќе значат квалитетен исчекор и кои реално ќе го подобрат животот на граѓаните. За тоа имаме тим и имаме волја. Граѓаните ја препознаваат новата енергија и верувам дека масовно ќе не поддржат.

Зошто не најдовте заеднички јазик со власта за новиот Закон за јавното обвинителство. Ако се вратите на власт, дали ќе му овозможите на Груевски да се врати дома? 

Мицкоски: За да се најде заеднички јазик, потребно е да се има заедничка цел. Сѐ друго е техника. За жал, целта ни е сосем различна. Ние сакаме правна држава и правда еднаква за сите, а Заев сака селективна правда и институции кои би му служеле за притисок врз сите кои мислат поинаку и при тоа ќе му бидат гарант за неказнивост на криминалите сторени од него и неговите соработници. Ние сме за владеење на правото и независна судско-обвинителска власт, а Заев е за персонални решенија кои би му гарантирале амнестија за општиот грабеж што го спроведува. Како да најдеме заеднички јазик кога ја фаворизираше специјалната обвинителка Катица Јанева, а сите знаеја дека жената е заглавена во криминал, но привилегирана само затоа што слепо ги извршуваше неговите наредби. Како да се договориме кога до обелоденувањето на аферата со Бојан Јовановски таа беше неговата црвена линија? Целта на Заев беше да се дискутира за персонални решенија, а не за систем кој нема да зависи од името или партиската опредеба на функционерот. Затоа апсурдни се прашањата дали на Груевски би му овозможиле да се врати дома. Вистинското прашање е кој овозможи да се случи тоа и дали Зоран Заев ја говореше вистината кога по кој знае кој пат ја лажеше македонската јавност дека Груевски се криел во гепек од возилото или сега кога кажа дека Груевски бил слободен граѓанин и можел да прави што сака.

Што очекувате од односите во регионот, пред сѐ со Србија и Бугарија? За Балканскиот шенген договорен во Нови Сад, и, според вас, каква е судбината на Преспанскиот договор?

Мицкоски: Очекувам искреност, меѓусебна почит и помагање. Очекувам соработка која што ќе обезбеди подобра егзистенција за нашите граѓани. Соседите се и за во добро и за во лошо. Мислам дека созреваме и учиме од грешките. Секој договор во насока на продлабочување на соработката е добредојден. Сепак, не треба да го сфатиме како замена за нашата крајна цел, а тоа е членството во ЕУ. Преспанскиот договор е лош и овозможи грчката страна да стекне права. ВМРО-ДПМНЕ не учествуваше во процесот на преговарање и срамниот чин на носење на уставните измени преку уцени на пратеници и непринципиелни компромиси со правото и законите. Судбината на Преспа ќе зависи од резултатот на изборите. Доколку имаме стабилно парламентарно двотретинско мнозинство во парламентот и мнозинство кај пратениците од другите етнички заедници различни од македонската, се отвора можноста за враќање чекор назад, во спротивно, нѐ чека многу работа и реформи, Македонија на брза трака до моментот на полноправно членство во ЕУ, а потоа однатре да ги коригираме грешките. Не постои договор кој може да ми забрани да бидам Македонец кој говори македонски јазик и е од Македонија. Нашиот концепт е „не“ на антиквизацијата и „не“ на севернизацијата, туку големо „да“ и враќање на македонизмот во Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.