Посетата на папата Франциско на Скопје е огромно признание за местото што земјава го зазеде во заедницата на прогресивни земји. Неговата посета не е митологија, таа е израз на созреано време да се одаде признание за историските врски со Ватикан, порача премиерот Зоран Заев по средбата со папата Франциско кој е во еднодневна посета на земјава.

Според Заев, светата литургија со која папата ги благослови сите католици, но и сите граѓани во земјава е израз на почит.

Тоа е силен почит и поттик за сите нас, тоа е силна порака која што денеска беше пренесена низ светот – рече Заев и додаде: Нашиот народ ја следи мисијата на Мајка Тереза, што го потврдивме на овој денешен настан на заедништво!

Запрашан да ја коментира изјавата на претседателот Ѓорге Иванов кој по средбата со папата во Вилата Водно упати политички пораки, премиерот рече дека ова не е ден на поделби и за политички коментари.

Во однос на прашањето која е неговата следна цел по посетата на Папата, Заев беше дециден дека следниот важен чекор е започнувањето на преговорите со ЕУ.

Покажавме волја за европските вредности, ги потврдивме и денеска со посетата на папата, а тоа го потврдивме и со одржувањето на изборите – рече Заев.

Запрашан што ќе научи од посетата на папата и пораките кои тој ги упати до државниот врв, премиерот одговори: Треба да учиме од мисијатата која што папата ја штити низ светот – поголема верба меѓу над и да ги искорениме сите девијаннти појави. Треба да продолжиме да бидеме пред се добри луѓе, професионални и да се подобриме сите. Во земјава имаме многу да работиме и на лажните вести и на консолидацијата на оштеството- тоа се цели кон кои сите тежнееме.

Според Заев, посетата на папата на Балканот е порака за сите земји од регионот.

По постигнувањето на Договорот за пријателство со Бугарија и Договорот од Преспа, пораката е дека треба да се прават договори, да се подаде рака, да се создаваат пријателства за да се овозможи подобар живот за граѓаните на Балканот – додаде тој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.