Премиерот Зоран Заев денеска одговарајќи на новинарско прашање дали ќе има нова лидерска, изјави дека ќе седне на маса со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во врска со законот за јавно обвинителство, но откако работните групи ќе дадат сигнал до него и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски дека има напредок. Тој смета дека навистина не се далеку од постигнување договор и апелира да се вложат повеќе напори во таа насока.

На настанот на кој заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски го означија почетокот на еден од трите проекти за кои беа доделени капитални инвестиции за развој преку програмата за рурален развој во Берово и околината, Заев кажа дека има постојана комуникација меѓу претставници на работните групи и додаде дека била најавена можноста и утре тие да се состанат.

Верувам дека можеме да направиме напори, навистина не сме многу далеку, само треба да се надминеме себеси посебно во услови кога еве предметите се обезбедени и имаат своја иднина. Дајте да испратиме порака до меѓународните партнери од ЕУ дека навистина како што досега се договаравме со консензус да гласаме во Парламентот за сето она што е поврзано со реформите поврзани со ЕУ и овој закон за јавното обвинителство го договориме. Стојам на располагање целосно. Штом работните групи ќе го дадат сигналот до мене и г. Мицкоски и ние да седнеме да го договориме овој закон за јавното обвинителство, рече Заев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.